Едно лице вечерва почина откако малолетни лица опожариле вагон цистерна кај железничката станица во скопската населба Илинден.
Од Територијалната противпожарна бригада, која интервенираше на местото на несреќата потврдија дека има починато лице, најверојатно од струен удар на вагон.
На терен биле испратени две возила и седум пожарникари.
Од Министерството за внатрешни работи вечерва информираа дека случајот е пријавен во 21:05 часот во полициското одделение во Петровец.
– Во 21:05 часот во ПО-Петровец, С.К. пријавил дека во населбата Илинден кај железничката станица во складиштето на „Макпетрол“ од страна на малолетни лица е опожарена цистерна. Двете малолетни лица се кај него дома и по извршениот разговор со децата посочено е дека во цистерната најверојатно има малолетно женско лице, кое е починато, велат од МВР.
На местото на несреќата испратени се полициски службеници и се врши увид. Повеќе детали од МВР најавуваат за подоцна.
Од ЦУК, според информации од граѓани, кои биле во близина на настанот, починатото лице било горе на вагонот и се запалило од силен струен удар, од електричните жици над вагоните.