На вчерашната седница Министерскиот совет на Бугарија го овласти регионалниот гувернер на Благоевград, Стојан Христов да почне активности за проектирање и изградба на граничниот премин „Струмјани – Берово“.
Задачите на Христов, како регионалниот гувернер на Благоевград се да го изврши проектирањето, изградбата и пуштањето во употреба на новиот граничен премин.
Со тоа и практично се поместува проектот кој беше во најмала рака ја симболизира апсурдноста на терен. Од македонска страна, кај беровското село Клепало, триесет години стои изградена и никогаш вселена зграда за работа на граничарите и останатите служби. Во 2003 година беа завршени зградата и патот, но од бугарска страна не беше мрднато од мртва точка. И по неколкуте протести на жителите од бугарска страна, со години и децении стоеше неизграден патот долг седум километри од селото Раздол до идниот граничен премин, што ќе го гради бугарската Државна агенција за патна инфраструктура. Низ него ќе можат да поминуваат патнички возила со вкупна технички дозволена максимална маса до или еднаква на 3,5 тони.
За изградба на пунктот ќе бидат инвестирани над 10 милиони евра, средства од Европската унија преку ИПА програмата.
Според информациите од Општина Берово, патот до граничниот премин Клепало, што сега се користи од жителите и туристите, ќе се реконструира, но и ќе се обнови зградата што со годините значајно пропадна, иако никогаш не беше ставена во употреба. Средствата се обезбедени од ИПА програмата на ЕУ.
Во текот на последниот квартал на 2022 година, беа одржани неколку состаноци на македонско – бугарските тимови. Заедничката експертска комисија за изградба на граничниот премин и патната врска Струмјани-Берово, го потпиша протоколот за нејзината работа и беше даден стартот на конкретните активности по изградбата на преминот.
„Ги усогласивме основните технички карактеристики на патните врски, местоположбата на трасата, точката на поврзување на самата граница, местото на новиот граничен премин и потребната инфраструктура. Корисник од бугарска страна е регионалната управа во Благоевград, а од страна на РСМ е Царинската управа. Веќе можеме да ја започнеме суштинската изградба на граничниот премин Струмјани – Берово“, изјави по состанокот тогашниот регионален гувернер на Благоевград Николај Шушков. Преминот Клепало (Берово) – Струмјани ќе биде четвртиот граничен премин меѓу двете земји.