Вториот директор на Фондот за здравство, Фатон Ахмети попладнево потврди дека користи годишен одмор, но сепак не одмора.
По бројните реакции дека тој е на одмор во Америка додека никој не кажува детали за нападот на системот на Фондот, Ахмети се огласи преку социјалната мрежа Фејсбук.
„Како последица на многубројните дезинформации и заради правилно информирање на јавноста, принуден сум да објаснам едно прашање. Престојувам во САД, на покана на Стејт департментот на САД, на програмата IVLP. Патувањето е планирано пред неколку месеци. Не сум на годишен одмор во САД! За коректност кон институцијата во која работам, го користам годишниот одмор, а не можноста за службено патување. Мојот престој во САД е целосно финансиран од Стејт департаментот на САД. Ниту еден денар не е потрошен од државниот буџет! Во тек на целиот престој бев во контакт и синхронизиран за дејствувањата со колегите од ФЗО“, истакнува Ахмети во неговата објава.
Директорката Магдалена Филиповска Грашкоска пак, денеска на средба со новинарите информираше дека тој имал решение за годишен одмор уште пред да се случи хакерскиот напад. Таа не ја коментираше одлуката на нејзиниот колега Ахмети да не го прекине одморот додека јавноста е во прашалници за падот на системот и потенцираше дека одговорноста ќе се лоцира кога ќе заврши истрагата на надлежните институции.