Бојан Јовановски, попознат како Боки 13, бара прием кај Ислам Абази, шефот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупцијаму, бидејќи, како што вели, располага со сознанија и докази за сторени кривични дела од страна на високо профилни личности од сферата на политиката, правосудниот систем и бизнис елитата.
Боки 13 во писмото што му го упати на Абази вели:
-Барам да бидам изведен пред вас веднаш и без одложување, со цел да ги поднесам кривичните пријави и да ви ги предадам сите докази со кои располагам во форма на аудио снимени разговори, транскрипти и остварени телефонски комуникации во форма на пораки, фотографии и видео записи. Во месец јули 2020 година започнав со пријавување и поднесување на кривични пријави на записник, заклучно со месец декември 2020 година пред јавен обвинител од ОЈО-Скопје и требаше да продолжам со поднесување на пријавите , но до ден денешен не сум повикан, иако тоа го барав и по писмен пат до обвинителот Гаврил Ристовски да бидам повикан од негова страна. За досега поднесените и комплетирани кривични пријави нема донесено никаква јавно-обвинителска резолуција, па оттука поради сензитивноста на поднесеното, сериозноста и карактерот на кривичните дела, особено поради мојата моментална положба и статус, барам да бидам изведен исклучиво пред вас, бидејќи изразувам целосна недоверба кон правосудниот систем, дотолку повеќе што во пријавите се опфатени лица со реална моќ и влијание, вели Боки 13 во пораката до Абази и додава:
– Целата моја доверба ја вложувам во вас, па затоа барам веднаш и без одложување, да бидам изведен пред вас по ваша издадена наредба, особено важно што во овој период сум директна жртва на незаконито, фалсификувано и антидатирано судско решение донесено од Основен кривичен суд Скопје, за кое имам основано сомневање дека е донесено од криминогени побуди и намери на поединци. Воедно, молам за заштита од ваша страна во рамки на законот, дотолку повеќе што сум се соочувал и се соочувам со реални закани по мојот живот и истото го очекувам да биде интензивирано после ова истакнато барање до вас за поднесување на кривични пријави, пишува Боки 13.