Многу малку жени се опфатени со скринингот за рана детекција на ракот на грлото на матка, но државата даде огромни средства за ваквата програма, а доколку е потребно, ќе се најдат и дополнителни финансии, изјави денеска првиот човек на Националната комисија за превенција и рана детекција на рак на грлото на матката, д-р Марјан Стојовски.
Тој посочи дека оваа Комисија е должна да ги почитува протоколите и насоките од Светската здравствена организација чија цел на глобално ниво е до 2030-та година со скрининг да бидат опфатени 90 проценти од жените, 70 отсто од девојчињата на возраст од 12 до 14 години да бидат покриени со ХПВ вакцина и 90 проценти од сите ранооткриени лезии на грлото на матката да бидат третирани.
„Тоа е цел до 2030-та година на СЗО, но нашата цел е што побргу да се приближиме кон европските трендови, а тие се три или четири заболени на 100 илјади жени годишно. Кај нас тој процент е многу висок и се уште сме во оние средно развиени земји кои имаат висок процент поради недостаток на скрининг. Мораме да сфатиме како држава дека целата инвестиција во превенцијата ќе ни се врати неколку пати со здрава нација и здрава популација“, нагласи д-р Стојовски.
Според него, за да се зголеми јавната свест за важноста од откривањето на ракот на грлото на матка, потребна е едукациија уште од најрана возраст.
„Треба да работиме најмногу со најмладите, но секако преку овие програми што ги има државата и Министерството за здравство, ние ќе придонесеме да ги опфатиме сите кои досега не биле опфатени со скрининг“, истакна д-р Стојовски говорејќи на денешната панел дискусија „Искоренување на ракот на грлото на матката – како да го унапредиме здравјето на жените и девојките во Северна Македонија?” во организација на Канцеларијата на Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА во Скопје.
Директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, д-р Викторија Јовановска потсети дека скринингот е бесплатен и апелираше сите да одат на редовни прегледи.
„Имаме и превенција со вакцина со која заболувањето може да биде превенирано, да може да го искорениме ова зло бидејќи е едно од ретките заболувања при кое лесно може да се стигне до дијагноза, значи со многу едноставен и безболен преглед пациентките може да бидат излекувани и да им се зачува репродуктивната функција па понатаму слободно да може да раѓаат“, додаде д-р Јовановска.
Ракот на грлото на матката е второ најчесто малигно заболувње кај жените веднаш по ракот на дојка, а во Македонија се дијагностицира кај околу 150 жени годишно.
В. Ми