Соопштение со изненадувачка содржина ги дочека работниците на конфекциите „Мода“ и „Камотекс“ од Свети Николе.
Во соопштението што беше споделено со Канал 77 и ММС, пишува:
„Сите вработени на „Мода“ и „Камотекс“, кои ќе доведат нов работник, добиваат еднократна награда од 5000 денари“.
Меѓутоа, наизглед лесната награда понатаму е условена со вториот дел од соопштението:
„Наградата ќе се исплати заедно со месечната плата во месецот во кој новиот работник остварил 100% од нормата“, пишува понатаму во соопштението.
Одлуката е донесена вчера на седница на Одборот на директори и е всушност следење на успешен пример од Германија, како што ни објасни директорот Ангел Димитров. Само што таму според стандардот и платите за секој нов работник се исплаќа по 1.000 евра.
-Идејата е од нашите сопственици од Германија, во чии компании овој начин на работа се покажа успешен, кажа Димитров.
Што е „финтата“ со исплатата на наградата од 5000 денари тогаш кога новодојдениот работник ќе исполни 100 отсто од нормата? Логички, ќе требаат месеци додека некој нов се обучи и почнува да работи со 100 отсто норма.
-Очекуваме да донесат искусни работници, кои некогаш биле наши работници и сега работат во компаниите од ТИРЗ зоната во Штип. Платата во јануари за покачивме за 15 отсто, со што просечната плата во „Мода“ сега е 30.000 денари. Се очекува и ново зголемување со пораст на минималната плата, со што кај нас просекот ќе изнесува 33.000 денари, кажа Димитров.
Повикот е од вчера и рано е да се зборува колку оваа иницијатива ќе биде успешна. На двете компании – „Мода“ и „Камотекс“ им недостасуваат педесетина искусни работници. Во последните месеци има и зголемен обем на работа, а како што вели Димитров, работници нема.
(В.К.)