Љубовната драма режирана од Ивана Ангеловска под името „Возможни светови“ ги закити со нов успех, штипските актери. Тие во родниот град деновиве се вратија од Приштина, каде публиката ја прогласи за најдобра оваа претстава во рамките на Приштинскиот интернационален театарски фестивал. Впечатоците сумирани од таму, беа и повод за нашиот разговор со актерот Милорад Ангелов кој открива и што се „крчка“ во моментов на сцената на Народниот театар Штип.
„Преубаво си поминавме, Фестивалот беше преубаво организиран, дури имаше и оскаровски пристап. Се работи за меѓународен настан па имаше учесници од Хрватска, Бугарија, Косово и ние ја добивме наградата за најдобра претстава од публиката. Премногу ни значи оваа награда, особено за младите колеги во екипата е мотивација. За нас останатите исто така значи, но за младите претставува крилја за полет понатаму“, раскажува Ангелов за Македонски медиа сервис.
Ваквото искуство според него, е голема работа особено што во овој период секој има потреба од убави збиднувања кои ќе вродат со оптимизам.
„Штипскиот театар беше во еден мал пад со оглед на околностите со пандемијата. Некако ова како да не’ извади од депресијата во која бевме ставени со ковид, предновогодишно се почувствуваме горди и мислам дека многу значи за нашиот театар повторно да се наполниме со еден оптимизам за да продолжиме понатаму со условите какви што се“, ни изјави актерот, кој е дел од наградената екипа.
Во однос на претставата „Возможни светови“ тој потсетува дека штипската публика имала можност неколку пати да ја погледне, но веќе од идната година повторно ќе биде ставена на репертоар.
„Се работи за трилер, односно интересна љубовна драма за двајца луѓе. За истата претстава има и холивудски филм, за двајца луѓе кои се обидуваат да се најдат во своите паралелни светови, но на крај не успеваат да се најдат во таа нивна идеја. Оваа претстава е од минатата година, но не можевме да ја играме поради новите околности, а протоколите за театрите долго време не беа објавени. Нашиот театар размислува веќе после празниците да ја стави на репертоар и штипската публика да има можност повторно да ја види, за да може оваа претстава и понатаму да живее. Инаку, за неа добивме покани за гостување во Хрватска и Бугарија, многу режисери и менаџери од Фестивалот не’ поканија за гостување. Наскоро ќе гостуваме и во Скопје, што значи планираме многу гостувања само да заврши ковид“, открива актерот за ММС.
Тој и неговите колеги планираат оваа година на работен план да ја заокружат со премиерата на „Пасивно пушење“ во режија на велешанецот Ненад Витанов. Штипските театарски уметници работат и на друга премиера во режија на Александар Ивановски. Претставата се вика „Ова дете“ и очекувањата се дека премиерно ќе биде изведена на почетокот на 2021-та година.
Нашиот соговорник за читателите на ММС го открива изненадувањето дека пролетта во Штип се очекува да пристигне и Игор Киров, кој ѝ стана познат на публиката од целиот регион по гостувањата во низа метрополи, а за своите сограѓани планира да приреди своевиден спектакл.
Милорад Ангелов го завршува разговорот со нас, со апел дека театарот не е ништо повеќе ризичен од останатите места. Баш напротив вели тој, публиката има голема дистанца, се носат маски, има средства за дезинфекција, а токму уметноста може делува како терапија кај граѓаните.
„Културните институции сега се најпотребни, повеќе од кога било им се потребни на граѓаните. Тие треба да бидат во првите борбени редови, граѓаните имаат потреба од социјално зближување. Театарот делува добро на психата на луѓето, ние треба да сме на првата борбена линија. Сите ризикуваме, но мислам дека сега културните инситуции сега треба најмногу да ја покажат својата сила“, заклучува актерот.
Вања Мицевска