Студентите од Педагошкиот Факултет при УКЛО во Битола поради бирократски проблеми се оставени без средства за субвенционираниот студентски оброк од почетокот на академската година во октомври.
До Студентски Отпор, како што велат, пристигнало голем број на поплаки во изминатиов период во однос на на овој проблем.
-Според нашите дојави проблемот е настанат од неспособноста на деканатот на Педагошкиот факултет во Битола кој навреме не доставил листа до МОН на редовни студенти. Откако во МОН со задоцнување пристигнала листата на редовни студенти, поради непознати за нас причини се уште на студентите од овој факултет им немаат исплатено средства. Додека стотици илјади евра за патни трошоци на пратениците има, за исплата на субвенциониран студентски оброк за сите студенти, очигледно нема. Затоа јавно, повторно повикуваме министерот за образование Јетон Шаќири, како одговорен за најнеспособното министерство за образование во историја на независна Македонија да си поднесе неотповиклива оставка, бидејќи очигледно не е способен да ја врши оваа функција на задоволително ниво, велат од Студентски отпор.