Една година жителите на три улици во штипската населба Автокоманда газат по земја, а кога времето е лошо заглавуваат во кал. Вината зошто улиците „Браќа Даневи“, „Солидарност“ и „5-ти Конгрес“ останаа без асфалт, си ја префрлаат општината предводена од градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ и Министерството за транспорт и врски на чие чело исто така има штипјанец, но од СДСМ.
И Општина Штип и министерството велат дека го завршиле својот дел од проектот кој е поделен на две фази, но улиците се уште се затворени.
Штипскиот градоначалник Јорданов на прес-конференција од самото место го обвини Министерството за транспорт дека се изживува со жителите на населбата Автокоманда. Вели иако повеќе од два и пол месеци улиците се подготвени за асфалтирање, што е и потврдено од надзорот, министерството ја развлекува оваа последна фаза со цел да креира нервоза кај жителите.
Првата фаза за промена на водоводната и канализациона мрежа и за завршување на земјените работи е најголемата фаза за која Општина Штип инвестираше и ја заврши. На записниците јасно се гледа дека уште во 2022 и е наложено на фирмата изведувач да ги изасфалтира улиците. Веднаш потоа е наложено со записник од страна на надзорот и претставници од Светска Банка, Министерството за транспорт и општината, дека во текот на јануари ова треба да се заврши. Последно, најново, записникот гласи дека до девети февруари треба да се асфалтираат улиците
вели Јорданов
Тој јасно нагласува дека општината веќе размислува да ги стави овие улици во својата програма, со цел да бидат завршени.
Јорданов го запраша Бочварски зошто министерството не избере друга фирма која ќе ги изасфалтира улиците, имајќи предвид дека според информациите кои ги добил, фирмата изведувач која треба да го направи тоа е блокирана од сите банки и не е ликвидна. Се постави и прашањето дали министерот има лична, финансиска корист од оваа фирма.
Од Министерството за транспорт, пак, на ова штуро му одговорија на Јорданов дека му била очигледна нервозата поради слабата работа во општината. Во соопштението испратено до медиумите нема конкретен одговор зошто фирмата се уште не почнала со асфалтирање. Наместо ова, велат дека градоначалникот требало да работи за подобрување на условите за живот на штипјани, а не секојдневно да се слика и да ја критикува централната власт која му дава силна финансиска поддршка за реализацијата на капиталните проекти во градот.
Да појасниме, Министерството за транспорт има обезбедено средства и ги има исплатено сите фактури кон изведувачот, а понатаму процесот на градење е предаден на надзорниот орган и изведувачот. Да потенцираме дека, Министерството за транспорт и врски беше подготвено да ја започне реконструкцијата на улиците уште во месец јуни минатата година, но поради доцнењето на Општината со подземната иснталација, реконструкцијата започна дури четири месеци подоцна
велат од министерството.
Инаку промената на водоводната и канализациска мрежа во населба Автокоманда, на овие три улици, е проект вреден шест милиони денари, пари издвоени од Буџетот на Општина Штип, додека проектот за реконструкција на улиците е вреден 25 милиони денари, пари обезбедени од Светска банка преку Министерството за транспорт и врски.