Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во вторникот рече дека земјотресите од минатата недела биле „со сила на атомска бомба“, а новите бројки покажуваат дека бројот на загинати во Турција и Сирија е над 40.000.
Ердоган, исто така, рече дека стотици илјади згради не можат да се користат низ Турција, додавајќи дека секоја земја ќе се соочи со истите последици како Турција „во случај на таква катастрофа“, објави Индекс.хр.
Сепак, постои еден град кој успеал да остане недопрен, и тоа само поради една причина, пренесува Нова.рс.
Во градот Ерзин, среде тешко погодениот регион Хатај, нема загинати и ниту една зграда не е значително оштетена. Во градот со 42.000 жители оштетени се само неколку семејни куќи и неколку минариња.
„Немаме урнатини, жртви или повредени од земјотресот“, рече градоначалникот Океш Елмасоглу, изразувајќи сочувство до сите погодени од земјотресот.
Како што вели, причината зошто во неговиот град нема урнати згради, а потоа и смртни случаи е тоа што никогаш не дозволил дивоградба.
„Не дозволив дивоградба во ниедна смисла. И покрај ова, некои се обидоа. Иако на почетокот не можевме да им влеземе во трага бидејќи немавме доволно персонал, подоцна ги пријавивме кај обвинителот и зградите беа урнати“, рече тој.
Понатаму, градоначалникот додава дека повеќето згради во градот се релативно ниски. Тоа се самостојни згради, често четирикатни згради. Има некои шесткатни згради, вели тој.
Тој вели дека во Турција треба да има целосна промена на размислувањето кога станува збор за градежништвото.
„За ова е потребно нашите граѓани да не очекуваат никакви отстапки од државата за дивоградба, да не посегнуваат по такви работи и да се преземат одлучни чекори за рушење на тие објекти доколку е потребно“, рече тој.