Како изгледа болката на родителот чие дете се бори со рак, како изгледа желбата да се земе сиот товар на детето на свој грб само за да му биде нему полесно – сето ова ѝ е добро познато на скопјанката Марија Вук.
Таа е мајка на еден храбар средношколец кој сега животот го живее со полни гради, оставајќи ја зад себе борбата со леукемијата, поради која морал дел од детството да помине на Детската клиника.
Поради своето искуство Марија го основала здружението под Сано, што на есперанто значи здравје, а за ММС веќе раскажа како функционира таканаречената Родителска куќа на Детската клиника. Денеска пак, по повод Светскиот ден на децата болни од рак со неа разговараме за регионалниот центар за овие мали јуначиња што ќе биде сместен во објект кој некогаш бил училиште во Кучково.
„Тоа е еден проект во зародиш, успеавме со Општината Ѓорче Петров и со помош на Швајцарската амбасада да обезбедиме средства за реконструкција. Се работи за објект кој е стар 100 години. Тоа порано било училиште и е еден велелепен архитектонски објект кој пркоси на историјата и на времето. Многу убаво и симболично сакаме да прерасне во центар за рехабилитација на деца кои победиле рак затоа што и тие исто така сега пркосат на медицината, на стравот, на болеста… “, раскажува Марија.
Таа е оптимист дека со отворањето на овој центар, на децата ќе им се врати самодовербата, но ќе успеат и да ги стекнат знаењата кои пропуштиле да ги добијат додека биле на болничко лекување.
„Заедно со Министерството за труд и социјална политика и Министерството за образование и наука, но и со медицинскиот кадар при Детската клиника ќе се обидеме да им помогнеме да го надоместат тоа што го пропуштиле, преку онлајн платформа каде што ќе работат со наставниците или преку физичко присуство во самиот објект. На овој начин тие ќе им дадат на децата образование од предметите мајчин јазик, еден странски јазик и математика“, споделува Марија.
„Приказната продолжува за децата кои победиле канцер“
Одлуката старото училиште во Кучково да стане единствен регионален центар од ваков вид во земјава, ја донесоа советниците на Општина Ѓорче Петров пред околу два месеца. Тогаш општината соопшти дека децата кои го победиле ракот, освен образование во овој центар ќе добијат сместување, исхрана, психосоцијална поддршка и вежби за подобрување на физичката кондиција. Центарот е дел од проектот симболично насловен „Приказната продолжува за децата кои победиле канцер“, бидејќи таму овие борци ќе добијат помош за да отпочнат едно ново и посреќно детство.
Според Марија, првичниот план е децата таму да престојуваат по седум односно по 15 дена.
„Сакам да напоменам дека и нивниот престој ќе биде бесплатен исто како и во родителската куќа. Семејствата нема да имаат финансиски пречки. Препораката ќе биде исклучиво од Одделението за хематоонкологија, бидејќи сакаме да знаеме дека тие реално биле пациенти и дека им треба поддршка“, додава таа.
Марија додава дека кадарот од Детската клиника кој всушност ја игра главната улога во лечењето на овие деца, со нетрпение чека да почне проектот.
„Па тоа се нивни деца. Медицинските сестри и докторите поминуваат со овие деца година, две па дури и три, затоа што лекувањето трае долго. По лекувањето има еден период на преживување и одржување, а на детето му требаат три до пет години за да бидеме сигурни дека е во една ремисија. Тие поминуваат долг период со детето и растат со него. Тие сакаат да бидат дел од неговиот живот“, порачува Марија додавајќи дека прогнозите се оти проектот ќе биде готов до 2024 година и сите интензивно работат на тоа.
Во овој регионален центар кој ќе се протега на површина од над 650 метри квадратни, ќе има комплетно опремени соби за престој на 20 деца со 20 родители. Со цел за нивна рехабилитација по борбата со тешката болест, за нив ќе има и кујна со трпезарија, комплетно опремени училници за одвивање на дигитално онлајн образование, комплетно опремени бањи и тоалети, комплетно опремена мирна соба, детско игровно катче, соба за лесни физикални вежби, соба за психо-социјални работилници, просторија за систем за ладење и греење, ТВ соба и административен дел.
Вања Мицевска