Вкупно 76 случаи на насилство регистрирала полицијата за три месеци ланската година.
По однос на нив биле пријавени 183 сторители, меѓу кои 41 биле на возраст до 18 години. Меѓу жртвите во овие кривични дела, имало 12 малолетници.
Од МВР за ММС велат дека статистиката за случаите на насилство за првиот месец од оваа година сѐ уште се систематизира, но во отсуство на официјални бројки ако се „суди“ според дневните билтени, нападите врз малолетниците во земјава се речиси секојдневни.
Двата најескплицитни случаи за кои надлежните информираа минатиот месец ја згрозија македонската јавност и стигнаа до Обвинителството. Полицијата обелодени дека четворица мажи од Кавадарци и еден од Неготино за пари и со употреба на физичка сила и психолошко насилство принудувале малолетничка на сексуални услуги. Во друг случај, 14-годишно девојче било жртва на трговија од страна на четворица мажи од Велес и еден од Тетово кои ја принудувале на полови дејствија заканувајќи ѝ се со експлицитен материјал.
Со дигитализацијата насилството се пресели и во оналјн просторот, а младите честопати не го ни препознаваат како такво. Стручната фела вели младите се збунети, а дигиталниот простор нуди анонимност па тоа навидум ја намалува одговорноста на насилникот. Средношколците пак се жалат, стручните служби во училиштата не им посветуват доволно внимание ниту на насилниците, ниту на жртвите.
Трката за популарност „во костец“ со етиката
ММС разговараше со претставници и на двете страни, бидејќи се чини, младите лесно посегнуваат со агресија по своите врсници. Во меѓувреме, наивното испраќање во доверба на експлицитни материјали исто така лесно може да се претвори во оружје за закана што потоа остава последици по менталното здравје.
„Сите промени низ кои ние како општество поминавме се одразија и врз младите луѓе. Губењето на основните семејни вредности, начинот на живеење на родителите кои се во трка по заработувачка оставаат последици и врз младите. Тие се многу изложени на разни информации кои со интернетот им се лесно достапни. Со ова, не можат да се изградат, немаат јадро кое е безбедно и сигурно за нив. Тогаш се врзуваат за многу идеали кои најверојатно се штетни за нив“, алармира претседателката на Комората на психолози, доц.д-р Мирјана Јовановска Стојановска.
Според неа, младите на интернет се во постојана трка за популарност во која нема ограничување со етички и морални норми:
-Користењето на интернетот ја намалува одговорноста на личноста што го прави тоа, затоа што тоа не е директно. Потоа тешко се доаѓа до осуда на сето тоа, тешко се доаѓа до виновникот, но и до тоа тој да се казни. Ако се наоѓаат младите во некоја групација каде се контролирани такви изразувања и поставувањето фотографии, одењето на интернет го побива сето тоа. За нив се достапни секакви содржини. Младите развојно не можат јасно да направат една граница меѓу реалниот и виртуелниот свет и се случува една „збунка“. И да било воспитувањето добро, кога ќе дојдат на интернет се пореметуваат моралните норми кои ги изградиле – смета Јовановска Стојановска.
На сличен проблем алудира и лидерот на Сојузот на средношколци, Лука Павичевиќ кој смета дека младите не прават дистинкција меѓу разните форми на насилство па бидејќи не го препознаваат, не го ни пријавуваат.
-Не само што тоа ја спречува жртвата да го пријави насилството, туку имаме проблем што самите институции патат од оваа „дијагноза“. И државниот апарат не секогаш знае да препознае што значи оваа форма на насилство. Овде не зборувам само за училиштата, туку во најчестиот број на случаи тие се луѓето кои најдобро го препознаваат насилството. Тука мора да ја вклучиме и полицијата и социјалните служби и другите институции. Полицијата не секогаш знае да препознае насилство, а социјалната служба нема доволно механизми да се справи со некои „покомплицирани“ форми на насилство кои не секогаш се меѓу младите туку може да вклучуваат и семејно насилство – вели средношколецот.