Пред да го запознам својот сопруг, не знаев што е болка, вели Катерина Гаспар (27), сопруга на Фики Гаспар (29) кој боледува од цистична фиброза, а се појави на говорница на протестот пред Влада како негова поддршка.
Токму љубовта на Катерина и Фики им помага да ги поминат сите препреки во животот. Затоа, на овој ден тие ја раскажаа својата приказна и покажаа дека сѐ е полесно кога љубовта е сојузник.
Се запознале на работа, тој ѝ бил ментор, потоа биле пријатели, а пријателството прераснало во љубов за цел живот. Катерина Гаспар вели дека со нејзиниот сопруг имале можност да се запознаат низ стресни ситуации, различни предизвици и во различни изданија. Тие ја пишуваат својата љубовна приказна веќе три години, од кои една се во брак, а од ноември минатата година нивниот заеднички свет има едно име – Саша, нивното синче.
„Звучи клише, но длабоко секогаш верував дека љубовта навистина го менува човекот кон подобро. Најверојатно како млади личности, сите минуваме низ одредени проблематики кои се стресни за нас. Но, вистинското чувство за болка го спознав во овој брак. Колку и да има самото чувство негативно влијание врз менталниот дел на една личност, со секој надминат предизвик околу болеста, сѐ повеќе бев сигурна дека сакам да бидам покрај мојот партнер“, искрена е Катерина.
Секојдневие испреплетено со страв и надеж за подобро утре
Таа не крие дека во поголемиот дел од времето кај неа преовладувале загриженоста, стравот и неизбежноста со оглед на сериозноста која ја носи оваа болест, но длабоко во себе секогаш била позитивна и со надеж за едно утро каде ќе добијат вест дека лекот конечно е овде.
„Во и од овој однос јас носам само убавини. Убавина на една нова зрелост, на безусловна љубов, партнерска поддршка и во најлоши периоди, искреност и желба за подобра иднина. Во овој момент, и покрај сите би рекла помалку убави работи за кои човек некогаш не може ни да замисли, јас не би можела да го замислам животот без мојот сопруг и од скоро време мојот син. Ова семејство за мене е највредното нешто кое го имам“, раскажува Катерина.
Со сопругот се храбри и скромни, гласни кога го бараат она што им припаѓа, но приватните моменти ги споделуваат само со најблиските.
Катерина вели дека запросувањето било доста интимно, баш во согласност со нивните карактери.
„И двајцата сме усогласени во однос на тоа како треба да се одвиваат одредени настани во нашиот живот. Најважно од сѐ, среќата и еуфоријата која се чувствува низ такви моменти е обострана“, вели Катерина.
Откри дека Фики знае да биде романтичар, а на романтичноста гледа низ бескрајната заштита.
„Неговата романтичност за мене е изразена преку точно извршување на работите за кои вели дека ќе ги направи, сигурност и најважно од сѐ – покажување на љубов низ секојдневието“, додава таа.