Седницата за изборот на новата влада, според претседателот на македонското Собрание, Талат Џафери е можно да се одржи во понеделник откако завршија разговорите и партиските потврди за влез на Алијанса на Албанците во владата.
Како што соопшти претседателот на Алијанса, Арбен Таравари, кадри на оваа партија ќе ги водат Министерството за здравство и Министерството правда, додека за третото министерско место се или Министерството за информатичко општество и администрација или вице-премиер за економски прашања. За АА се резервирани и заменичките министерски места за одбрана и за земјоделие, како и повеќе директорски позиции.
Таравари по седницата на партиското раководство сепак, не откри за кои директорски места се работи. Познато е само дека по формирањето на новата влада, ќе следи и нивното назначување.
Влезот на АА синоќа беше одобрен и од Централниот одбор на СДСМ, кој го овластил претседателот на партијата, Димитар Ковачевски да ги заврши разговорите и да предложи кадровски решенија.
Во денешното соопштение, СДСМ смета дека со реконструкцијата влез на Алијанса, се затвора прашањето за предвремени избори.
-Изборите ќе се одржат според планираното во 2024 година, што е добро за стабилноста, за инвеститорите и за економијата. Работите се јасни. СДСМ го задржува бројот на министри како и досега, имаме зголемено мнозинство во Собранието, поголема поддршка на реформскиот и на европскиот курс на земјата и политичка стабилност, соопшти СДСМ.