Соборците на битолчанецот, Благојче Илијевски чиј живот вчера згасна, денеска му оддадоа последна почит организирајќи собир пред Владата која досега не успеа да го обезбеди лекот трикафта.
Со едноминутно молчење, свеќи и цвеќе тие му оддадоа почит на Благојче за кој велат дека се борел до последен момент. Разочарани се и револтирани од надлежните кои не го обезбедија лекот за болните од цистична фиброза и јавно замолија тоа да го сторат што побргу за сите 60 пациенти кои се подобни за оваа современа модуларна терапија.
„Дојдовме да му дадеме почит на нашиот соборец Благојче којшто ја изгуби битката со ретката болест цистична фиброза. Жално е во 21-от век кога има лек за оваа болест, умираат пациентите. Ние сме многу изреволтирани од предолгото чекање и предолгото одлучување дали да се донесе лекот и за колку пациенти. Мислам дека нема веќе чекање, пациентите со цистична фиброза не може повеќе да чекаат ни една минута. Ќе ги замолам сите надлежни да го донесат лекот за сите 60 пациенти коишто се подобни за кафтрио. Не требаше да дојде до ова, порано требаше тоа да се одлучи. Ако порано се одлучеше, Благојче можеби ќе беше жив“, изјави Ирена Василевска, мајка на дете со цистична фиброза.
„Овде сме собрани да му оддадеме последна почит на нашиот соборец, Благојче кој се бореше до последен здив и последните зборови му беа да го дочека лекот трикафта којшто живот значи“, додаде Лаира Криештарац, мајка на 16-годишно момче кое боледува од оваа ретка болест.
Пациентите со цистична фиброза веќе два пати протестираа за да го добијат лекот трикафта, но досега властите не одговорија на нивното барање. По неколкукратните изјави на ресорниот министер, Беким Сали дека се потребни законски измени за да се преговара директно со производителот и лекот да се добие по пониска цена, тој денеска соопшти дека се обезбедени 140 милиони денари за негова набавка.
Сепак, тој не чувствува одговорност за смртта на Благојче, бидејќи како што рече проблемот бил наталожен од други фактори, а не од МЗ.
-Навремено пријавивме и побаравме поддршка од Владата и од Министерството за финансии и Фондот да одговориме позитивно на барањата. Со денешна реорганизација, т. е. одлука на Фондот за здравствено осигурување на седница на Управниот одбор, треба да се одлучи за дополнителен буџет кој ќе се додели на Педијатрија за да може да обезбеди лекови за пациентите кои се наоѓаат во критична состојба – додаде Сали.
(В. Ми)