Со аплауз, достоинствено, како што заслужува, во вечното почивалиште беше испратен маестро Милан Завков.
Колеги од групата „Маестро“ за последно збогум отсвиреа сегмент од неговото „Стефаново оро“, посветено на неговиот пријател и татко на пејачката Татјана Лазаревска.
Претажно за човек, кој целиот живот го помина со музиката. Со Милан во вечноста заминаа и негови ноти, кои ги остави една од неговите ќерки. А еден од свештениците кажа и стихови од песни, на кои тој е автор. Моменти на преголема тага и незаборав.
Солзи и убав збор кај сите што дојдоа да се збогуваат со него. А имаше многу од музичкиот свет, музичари, пејачи и автори, со кој тој соработуваше.
-Не ни се верува, затечени сме и претажни. Се уште не можеме да сватиме дека го нема, дека ни се сокри. Дека дента седевме, се смеевме, а сега го испраќаме, рекоа дел од колегите од „Танец“.
А соработуваше со сите, бидејќи беше човек кој имаше убав збор, насмевка и подадена рака за секој еден.
-Ваков човек не се раѓа, беше тивок, насмеан и од него никогаш не можеше да се слушне повишен глас. Беше човек со големо срце, во кое ги криеше сите маки, никогаш не покажуваше дека е тажен или
изнервиран. Едноставно, мелем човек, е коментарот на сите кои дојдоа да му запалат свеќа.
„Ти ме предаде“, беше пораката венецот на фолк дамата Блага Петреска, а цвеќе и свеќа за збогум запалија и Зуица Лазова, Благица Павловска, Јуле и Баже Моротови, Горан Алачки,
Јове Кекеноски, Николче Мицевски, Стевче Стојковски, Сузе Спасовски, Мартин Вучиќ, Кирил Митовски, Ферус Мустафов и многу колеги од групи и од Ансамблот „Танец“, каде што работеше.
-Тешко е кога дента ќе пиеш кафе и ќе се смееш со него, а веќе вечерта го нема, вела колегите од Ансамблот „Танец“, каде утрово се одржа комеморација, а на која со солзи била отпена негова песна.
-Останаа незавршени многу планови, па и концертот во Белград, каде многу го почитуваа, а кој бил праниран за на есен, велат колеги, со кои ги планирал идните проекти, но не успеа да ги заврши.
Ама тоа е живот. Или како што вели во неговата песна „камен да беше срцево што бие, од тебе ќе препукне, болка ќе го свие“, кој Виолета Томовска ја отпеа и на неговиот концерт во 2017 година.
(В.М.)