На денешната седница на Советот на Општина Штип прифатени се измените на Тарифникот за јавен превоз, со кој се утврдуваат цените на еден билет, како и на месечните билети.
Досегашните цени во градскиот и приградскиот превоз не се менуваат, туку само тие што се однесуваат на превозот на учениците.
Со Тарифникот, цената на билет во еден правец ќе изнесува 30 денари за градските линии со 700 денари за месечен билет. За населбите Македонка и Балканска едно возење ќе чини 35 денари и месечен билет од 800 денари, додека за Три Чешми, Чардаклија и Стар Караорман ќе се вози за 40 денари и месечен билет од 900 денари.
Што се однесува до ученичкиот билет, како што кажа Оливера Блажева од Општина Штип, цената се зголемува за 20 денари и ќе изнесува 80 и 90 денари, со тоа што висината е утврдена според пазарните услови. Ученичкиот превоз е на товар на училиштата, односно на Министерството за образование.
Советниците денеска одобрија 12 милиони денари, наменети за учество од 20 отсто и за данок при купувањето на шест автобуси на лизинг, како и субвенции за јавниот превоз од септември до декември годинава, за кога се очекува да профункционира јавниот превоз.
Како што веќе објавивме, Општината Штип по три неуспешни обиди за воведување на јавен превоз преку јавно –приватно, донесе одлука за набавување на шест автобуси со лизинг, додека дејноста ќе ја врши ЈП „Стипион 2011“.