Веќе една година за жените во земјава освен хируршкиот, е достапен и абортусот со апчиња кој се дозволува со новиот Закон за абортуси.
Невладиниот сектор го оцени ова како враќање на репродуктивната слобода, а лекарите како побезбеден тип на абортус. Колку пациентки се одлучиле за медикаментозен абортус на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК), кои се можните несакани ефекти и од што зависи дали пациентката воопшто може да земе вакво апче, ММС разговараше со професор д-р Јадранка Георгиевска, специјалист гинеколог акушер, шеф на Оддел ургентна гинекологија со дневна болница.
Што се подразбира под медикаментозен абортус?
-Под медикаментозен абортус се подразбира прекин на бременоста до 22-та гестациска недела со помош на медикаменти. За прекинот на бременоста се користат таблетки Мифепристон и таблетки Мизопростол. Ваквиот тип на абортуси по препораките на СЗО претставува безбеден прекин на бременост со минимални несакани ефекти по здравјето на жената, односно се препорачува како безбедност абортус за нашите пациентки.
Споменавте дека има помалку несакани ефекти, но кои се тие поконкретно? Што сѐ може да се јави како нус ефект кај пациентка која веќе направила ваков абортус?
-При примена на таблетките за медикаментозен абортус кај пациентките може да се јават рани и некои касни несакани ефекти. Во раните несакани ефекти спаѓаат болките во абдоменот, односно грчеви, потоа појава на пообилно генитално крварење, особено првиот ден и првите неколку дена по земањето на таблетите, особено на втората таблетка Мизопростол. Понатаму, кај некои пациентки може да се јави повраќање, фебрилност која трае кратко, дијареа и кај мал број пациентки некоја алергиска реакција во вид на црвенило, чешање или осип по кожата. Додека кај касните ефекти кои може да се јават при примена на овие таблетки за медикаментозен абортус, најчесто има пролонгирано генитално крварење и болки во абдоменот повеќе денови. Продолженото генитално крварење може да ни укаже дека кај некои пациентки можеби и не е довршен абортусот, па треба да се додаде дополнителна терапија.
Имаме ли и такви случаи со пациентки со поголеми несакани ефекти и што ги советувате во таква ситуација?
-Кога доаѓа пациентката за медикаментозен абортус добива детални информации за процедурата, за шемата како да ги применува таблетите, како и за раните и доцните несакани ефекти. Кај пациентките се закажува контрола вообичаено 14 дена по отпочнувањето на абортусот, меѓутоа даваме и контактен телефон, па по потреба се јавуваат и го закажуваат прегледот порано. Имаме вакви случаи, но тие се застапени кај мал процент од пациентките според нашето досегашно искуство, кај кои абортусот не бил довршен, така што сме морале да ја повториме процедурата. Исто така, според досегашното искуство кај околу шест проценти од пациентките, поради некомплетен или недовршен абортус била направена интрументална ревизија на шуплината матката. Во овој случај самата интервенција е полесна, бидејќи не треба да се дилатира грлото на матката при интервенцијата, не треба многу да се киретира со кирета, а имаме и пластични кармен канили со кои може да се изврши евакуација на шуплината на матката без да се оштети слузницата на матката.