Ирена Илиевска важи за една од најубавите македонски актерки, а на јавноста ѝ е позната не само по театарските, туку и по улогите во серијалот Македонски народни приказни во продукција на една од домашните телевизии. Овојпат со актерката разговараме од поинаков агол, па во интервјуто за Македонски медиа сервис таа зборува за мајчинството, за новото секојдневие преплавено со ковид-19 и за емоциите што и’ ги буди празничниот период.
-Во поглед на вирусот мора да си признаеме дека комплетно ни се промени секојдневието и животите воопшто, во поголема или помала мерка, па се прилагодуваме на новото нормално. Не верувам во тоа дека тука нешто стана нормално. Не верувам дека некој се прилагодил. Човекот е социјално битие и што и да се случи не можеме да се затвориме и да не се социјализираме, а притоа да речеме дека сме се навикнале на тоа. Можеме само да се лажеме дека тоа е така. Сигурна сум дека сите едвај чекаме да заврши ова во кое се најдовме и да се вратиме на старите животи, на она што навистона беше нашето нормално. Во целото тоа сивило од информации и обид да се сочуваме себеси и тие околу нас, пристигна веста дека ќе ни се зголеми семејството со еден нов член, дека нов живот е на пат, а за мене тоа ќе биде сосема нов лист во животот. Дополнително се зголеми грижата за здравјето, бидејки сега сме две, па и самата состојба на бременост си бара поголема грижа, поздрав начин на живот, повеќе витамини, поздрава исхрана, поредовен сон …сите промени што се подразбираат додека се припремам за новата улога, за најтемелната претстава што ќе ја одиграм на сцената на животот. Бебето го очекуваме најдоцна во февруари. Како ќе биде неговото име сѐ уште не се знае, но со сопругот имаме неколку фаворити па како притиска времето, така и изборот се стеснува.
Какви емоции ви носи мајчинството кое претстои, дали возбудата е измешана и малку со доза на страв поради ковид-19?
-Па сѐ уште не сум станала мајка, бидејки сѐ уште го носам во себе и ова ми е прва бременост, сигурно кога навистина ќе станам родител ќе се сменат многу работи, многу емоции, одговорности и обврски. Но, точно е дека мајчинскиот инстинкт се појавува уште додека расте малечкото во вас, па тоа носи со себе еден океан од емоции. Прво самото сознание дека се создава живот во вас, па кога ќе почне стомачето да расте и телото да се менува, па за мене најубавите моменти, кога почнав да го чувствувам како мрда…незаменливи моменти, нови емоции и еден куп мисли. На моменти страв од непознатото што доаѓа, во ова време-невреме, бидејки веќе не сте сами, не се грижите само за себе…А, на моменти храброст, храброст и сила да го превртиш цел свет ако треба, за доброто на тоа што доаѓа. Ќе се испреплетуваат тие емоции уште многу пати, верувам, но убедена сум дека храброста ќе победи.
Како реагираше сопругот кога дозна за приновата во семејството и до каде сте со подготовките за новиот член?
-Беше пресреќен! Сакавме да ни се случи ова, дури морам да признаам, имаше и поголема интуиција од мене. Сигурна сум дека тој ќе биде нејзиниот најдобар пријател и татко. А јас? Јас ќе имам две деца по дома за чување, едно големо и едно мало хахаха…Со подготовките сме при крај, имаме уште неколку ситници и потоа останува само да чекаме да дојде најубавото.