Пожарникари од Струмица и спасувачи од Битола заминуваат за Турција за да им помогнат на погодените од катастрофалниот земјотрес.
-Општина Струмица преку Територијалната професионална противпожарна единица – Струмица подава рака за погодените од катастрофалниот земјотрес во Турција. Осум пожарникари од ТППЕ Струмица, припадници на тимот за пребарување и спасување од урнатини (USAR тим), кој е во состав на републичките сили за заштита и спасување при Владата на Република Северна Македонија, ќе заминат во спасувачка мисија во пријателска Турција, со надеж и уверување дека ќе им помогнат на настраданите во земјотресот. Нашите пожарникари се специјално обучени за вакви непогоди и имаат искуство од земјотресот во Албанија – соопшти преку социјалните мрежи струмичкиот градоначалник, Костадин Костадинов.
Во својата објава, тој пишува дека е потресен и неизмерно тажен од вознемирувачките информации за земјотресот кој освен Турција, ја погоди и Сирија.
-Таквите катастрофи, само ни укажуваат на фактот колку е немоќно човештвото пред моќта на природата и нејините законитости. Но, во исто време, таквите случувања ни даваат до знаење колку треба да бидеме хумани и одговорни пред големите предизвици, да бидеме луѓе за луѓето – наведува Костадинов во објавата.
Тој изразува сочувство до сите граѓани на Турција и Сирија за големите човечки и материјални загуби, а сочувство до семејствата на загинатите изразија и од Општина Битола.
-Тимот за брз одговор за спасување од планина и високи објекти од Дирекцијата за заштита и спасување, подрачна единица Битола, со 5 членови ќе биде дел од УСР единицата и веќе заминуваат во подрачјето погодено од земјотресот, а доколку се појави потреба, во целосна подготвеност за интервенција се и високопрофесионалните екипи на ТППЕ Битола кои се обучени за спасување од урнатини и земјотреси – посочуваат од Општина Битола.
Хуманоста, солидарноста и одговорноста во ваквите мигови е неопходна. Подготвени сме да бидеме поддршка на луѓето кои во моментот се соочуваат со големи човечки и материјални загуби – додаваат од Општината.