Навидум безгрижен бил шестиот ден од март во 1987-та година, за група гимназијалци кои тргнале на екскурзија од Скопје до Попова Шапка.
Спокојно поминатиот ден во дружба на чистиот планински воздух, претворајќи се во кошмар сепак на дел од нив долгорочно им го променил животот. Таа доцна зима всушност ќе донесе преседан во животот на десетиците тинејџери, меѓу кои и петнаесетгодишната Елизабета. Средношколката тогаш не ни претпоставувала дека она што ќе остави трага засекогаш, ќе ја одведе до љубовта на нејзиниот живот, кумановецот Новче Тодоровски. Таа за Македонски медиа сервис ја раскажа нивната љубовна приказна чие пишување нималку не било лесно, но низ која се проткајуваат разбирањето и поддршката.
-Кога имав 15 години со соучениците бевме на екскурзија до Попова Шапка. На враќање сопирачките на автобусот откажаа и тој се преврте. Среќа во несреќа беше што преживеав, но имав повреда на ‘рбетот и исходот беше траен инвалидитет – ја почнува својата приказна, нашата соговорничка Елизабета Тодоровска. Кога наполнила 17 години нејзините родители ја однеле во Специјализираната болница за ортопедија во Охрид, каде таа го запознава дванаесет години постариот Новче. Тој пак, добил траен инвалидитет откако кога имал 9 години, негово другарче ненамерно му испукало куршум од ловџиска пушка. Разговорите меѓу болничките ѕидови тогаш биле сосема пријателски, но на следната средба почнале да се раѓаат поинакви емоции.
„Тогаш болницата во Охрид беше центар за рехабилитација и разменувавме искуства со тие што биле поодамна останати инвалиди. Разменувавме искуства, ни кажуваа како да се справиме, на што да се внимава. Сѐ одеднаш во мојот живот се смени. Разменувавме искуства за тоа како ни е пристапен домот, јас живеев во куќа и не требаше нешто посебно да прилагодуваме во домот, но направивме прилагоден тоалет, рампа. Разговаравме за тоа како ќе се одвива животот, ни кажуваа со какви проблеми ќе се соочуваме понатаму“, се сеќава Елизабета.
Луѓето со попреченост во земјава веќе со години си организираат дружби на кои разменуваат совети и искуства, па така било и на почетокот на 90-те години кога Елизабета и Новче се сретнале на еден спортски натпревар наменет токму за лицата со инвалидитет.
„Тогаш се натпреварував во атлетика, а тој иако настрадал од ловџиска пушка, се натпреваруваше во ловџиство и исто и атлетика. Потоа и јас продолжив да се натпреварувам со воздушна пушка“, вели Елизабета.
Почнале да комуницираат телефонски, па да се дружат поинтензивно и така почнале врска. За да може почесто да ја гледа својата сакана, Новче изработил рачни команди за својот автомобил, па често патувал до главниот град.
„На почетокот тој доаѓаше во Скопје, јас немав автомобил“, ни раскажа Елизабета. Младата двојка уживала на концерти, филмови во кино и вечри во ресторани.
Елизабета решила и таа да научи да вози, па Новче направил рачни команди и на нејзиниот автомобил. По четири години, тие веќе се умориле да патуваат за да бидат заедно и решиле да стапат во брак.
„Веќе во 94-та година видовме дека можеме да функционраме и се земавме“, вели таа додавајќи дека нивните семејства гледале на тоа со резерва, но за кратко време сфатиле дека тие може да функционираат.