Современата индустријализација, брзиот економски развој и глобализацијата на пазарот на прехранбени производи придонесоа за промена на начинот на живеење, а со тоа и на традиционалните прехранбени навики на современиот човек.
Оттаму, јавниот здравствен систем денес се соочува со пандемија на хронични незаразни болести. Ова во интервју за Македонски медиа сервис го истакнуваат проф. д-р Весна Рафајловска од Институтот за органска технологија при Технолошко-металуршки факултет во Скопје и проф. д-р Зоран Кавраковски од Фармацевтскиот факултет на УКИМ.
Со нив разговараме за труењето кое може да го предизвика храната и за начините на кои тоа се манифестира. Оваа тема професорите заеднички ја обработија во книгата Токсикологија на храна, а во меѓувреме за читателите на ММС објаснија како нашиот имунитет е поврзан со труењето со храна, кои групи се поризични и како би требало да изгледа нашето избалансирано дневно мени.
Што претставува труeњето со храна и дали всушност може да се третира како болест која се пренесува преку храната?
-Со храната се поврзани голем број заболувања кои се пренесуваат преку храната (food borne diseases) и за чија појава најчести причинители се некои микроорганизми. Состојбата дополнително ја влошуваат новите технолошки постапки во производство на храната, фалсификувањето и манипулациите со суровините и храната, промена на отпорноста (имунитетот) на населението и др.
Труење со храна или заболувања кои се пренесуваат преку храната се јавува како резултат на консумирање на контаминирана храна со одредени инфективни микроорганизми или токсични хемикалии. Причините за појавата на овие заболувања најчесто се пропустите во технолошката подготовка, дистрибуцијата и чувањето на храната.
Труењето со храна може да биде предизвикано од бактерии (пр. Salmonella enteritidis, Staphylococcus aureus, Clostridium perfringens, Escherichia coli, Clostridium botulinum и Campylobakter) и/или нивните токсини кои се излачуваат во храната поради неправилно подготвување и чување на храната. Потоа, од вируси, рота и аденовируси; паразити, токсични хемикалии, отровни растенија и други контаминенти (пр. микотоксини, остатоци од ветеринарни лекови и др.).
Акутното труењето со храна се манифестира во рок од неколку часа (1-12) со појава на еден или повеќе симптоми, како што се: гадење, повраќање, болки во стомакот, дијареја, главоболка и општа слабост на организмот. Симптомите на труење може да траат од еден до неколку дена.
Познато е дека најчестите симптоми вклучуваат мачнина, гадење, па дури и дијареја, но кои се останатите начини на кои труењето со храна може да се манифестира? Што сѐ може да алудира на тоа дека сме добиле труење од нешто што сме јаделе?
-Во зависност од причинителот, симптомите на труење може да бидат различни. Најчесто тоа се гастроинтестиналните нарушувања, како што се мачнина, гадење, повраќање, болки во стомакот, дијареја и др. Но многу често симптомите може да бидат различни и поспецифични. На пример:
Труењето со Clostridium botulinum се манифестира со гастроинтестинални и нервни нарушувања во организмот. Во потешки случаи може да се појави парализа на организмот, поради трајното оштетување на моторните нерви во мускулите.
Многу прехранбени производи, како што се рибите, месото, сирењето, колбасите и виното содржат хистамин кој претставува потенцијален ризик за здравјето на чувствителните лица. Труењето се манифестира со силно изразени ефекти, како што се црвенило, осип и чешање по кожата, печење во грлото, главоболка, вртоглавица, пад на крвниот притисок и гастроинтестинални нарушувања во организмот.
Производите од растително потекло можат да бидат причина за труење поради присуството на голем број ендогени токсични хемикалии и може да предизвикаат појава на сериозни здравствени проблеми и труење кај луѓето.
Потенцијалното токсично дејство при изложеност на биотоксини (хемикалии) од контаминирани видови на школки, риби, мали ракови/краби се манифестира со: парализа на организмот (со трнење на усните, јазикот, прстите, нозете и рацете, вкочанетост на вратот, потење, забавена работа на срцето, парализа на дишењето и смрт); силно изразена дијареја (состојба која не е животнозагрозувачка) и амнезија.
Покрај гастроинтестиналните нарушувања, многу честа е појавата на алергиски реакции и оштетување на некои органи и системи во организмот.
Кога би требало луѓето да побараат помош од својот лекар и дали првично може сами некако да си помогнат за да си ја подобрат состојбата?
-Промената на моменталната, општа здравствена состојба на организмот и појавата на одредени симптоми и знаци на труење, наведени погоре, може да бидат општ сигнал за појавата на несакани ефекти и/или труење на организмот при изложеност со контаминирана храна. Во секој случај ако во текот на јадењето се почуствуваат одредени симптоми треба веднаш да се прекине внесот на храната во организмот. Повеќето случаи на труење со храна се решаваат сами по себе во рок од неколку дена. Во полесни случаи труењето се манифестира со гастроинтестинални нарушувања кои може да потраат неколку денови. Не постои посебна терапија освен хидратација на организмот со течности и надоместување на изгубените електролити. Не треба да се консумираат пијалаци со кофеин или диуретици и енергетски т.н. спортски пијалаци. Исто така, треба да се избегнува цврста, зачинета и пржена храна, млеко и храна богата со масти и шеќер додека не поминат повраќањето и дијарејата.
Без разлика на клиничката слика се препорачува да се посети матичниот доктор ако повраќањето и дијарејата траат подолго од 2-3 дена, ако е присутна крв во столицата или ако затруеното лице има покачена температура (37-38°C).
Итна медицинска помош треба веднаш да се побара ако лицето е отруено со габи или риби и некои морски плодови, дехидрирано, има крваво повраќање, тахикардија, болни грчеви во стомакот, проблеми со голтањето и движење на делови од телото, невролошки проблеми (заматен вид или двојно гледање) и друго. Дехидрацијата може да биде опасна, исто како и одредени видови на труење со храна.
Зошто труењето со храна е покарактеристично за летниот период од годината и на што треба луѓето да внимаваат? Кои намирници да се одбегнуваат, а кои треба да ги вклучуваме почесто на нашето дневно мени за да превенираме една ваква состојба?
-Труењето со храна се карактеризира со сезонски карактер и се јавува најчесто во текот на летните месеци, но исто така може да се појави во кој било период од годината. Храната и водата (особено нехлорираната) во летниот период се погоден медиум за појава и развој на различни инфективни микроорганизми. Чувањето на подготвената храна на собна температура во подолг временски период овозможува нивно брзо размножување, што е најчестата причина за појавата на труење со храна.
Неколку примери на намирници и јадења кои треба да се одбегнуваат во текот на летните месеци, бидејќи се ризични за развој на салмонелоза се јајцата и колачите направени од сурови јајца (крофни со различни кремови), мелено месо, вообичаено во сос, мајонез и јадења во кои се додава мајонез (француска салата и др.), тартар сос, панирани и недоволно варени стекови и јајца (салмонелата може да биде присутна од надворешната страна на лушпата и може да влезе во самите јајца или во садот со јајца).
Салмонелата може да се внесе во организмот и со неизмиени раце на лицето кое ја излачува (пр. болно лице или асимптоматски носител на бактеријата) и работи со храна. Исто така и повеќето други бактериски труења со храна се случуваат на ист начин, односно со зголемување на бројот на бактериите во храната или во садовите, со оставање на храната надвор од фрижидер неколку часа на собна температура, особено во летниот период.
Во исхраната во овој период најчесто треба да бидат застапени зеленчукот, овошјето и житарките. Исто така, треба да се избегнува т.н. брза храна (fast food) и храна од комерцијални тезги на улица.
Како здравствената состојба на една личност влијае на шансите за таа личност да добие труење со храна, па и на опоравувањето од истото? Дали има луѓе кои особено треба да бидат внимателни и кои се „поризични“ кога се работи за оваа проблематика?
-Правилната исхрана значи задоволување на потребите на нашиот организам со доволно енергија (за физичка и ментална работа во текот на работниот ден) и хранливи супстанции кои се неопходни за раст, развој и одржување на физиолошките функции на организамот, постигнување и одржување на здравјето и спречување на болестите. Што јадеме и колку јадеме, секојдневната физичка активност и контрола на телесната маса во голема мера влијаат на нашето здравје и целокупната здравствена состојба. Дневните енергетски и нутритивни потреби на луѓето се разликуваат во зависност од полот, возраста, видот и нивото на физичката активност, општата здравствена состојба на организмот, навиките (пр. пушење, алкохол) и др.
Луѓето со сериозни здравствени проблеми, како што се рак, дијабетес, астма, заболувања на срцето, црниот дроб и бубрезите се подложни на несакани и токсични ефекти на некои хемикалии од растително потекло и додатоците на исхраната. Употребата на т.н. традиционални, природни растителни производи многу често се поврзува со високиот ризик и потенцијалната опасност од појавата на труење при изложеност на овие производи, како резултат на намалениот имунитет на луѓето и непостоење на соодветна контрола на производите или отсуство на системски решенија.
Труењето со храна предизвикано од бактеријата листерија може да биде опасно за бремените жени. Инфекцијата не ја погодува жената, но може да предизвика спонтан абортус, предвремено породување, раѓање на мртво дете и развојни проблеми на фетусот.
Секако децата и возрасните лица спаѓаат во ризична група кај кои труењето со храна е почесто изразено.
Какви совети и препораки би упатиле до граѓаните за да спречат труење со храна, па и да создадат поздрави навики во однос на исхраната?
Основни мерки, совети и препораки за спречување на труењето со храна се редовно и темелно миење на рацете со топла вода и сапун, темелно миење на овошјето и зеленчукот под силен млаз вода, чување на прехранбените производи во фрижидер или на ладно место, соодветна топлотна обработка на храната, да се избегнува чување на храната на собна температура и подгревање на храната, да се избегнува конзумирање на сурова, термички непреработена храна од животинско потекло, непастеризирано млеко и вода од несигурни извори, храната да се складира на безбедно место, заштитена од инсекти и глодари.
Вања Мицевска