Фрида Кало и Диего Ривера. Две страсти. Две половини кои се нашле и станале едно.
Во нивниот однос нежноста била испреплетена со предавство, а љубовта со болка. Според сеќавањата, нивната љубовна приказна всушност била збунувачка. Фрида Кало е родена во 1907-та година.
Таа пораснала како доста активно девојче, без да претпостви какви изненадувања ќе ја очекуваат во животот. Била болна од детска парализа, а потоа кога имала 18 години, трамвајот со кој патувала, излегол од шините и удрил во автобус. Таа се здобила со тeшки телесни повреди, поради кои за малку ќе го изгубела животот. Таа претрпила вкупно 32 операции, а остатокот од животот го поминала во метален корсет кој ѝ го држел телото.
Физичката болка за неа бил силен поттик – почнала да црта, а првото нешто што го направила кога успеала да застане на нозе, била посетата на ателјето на познатиот уметник Диего Рибера, со цел да му ја покаже својата работа. Уште на петнаесетгодишна возраст таа тврдела дека ќе се омажи токму за Диего, кој во Мексико имал статус на жива легенда.
„Мојата амбиција е да имам дете со Диего Ривера. И тој тоа ќе го дознае еден ден“, им велела таа на своите познаници.
Диего „изгубил глава“ по неа.
Тие се венчале на 21-ви август 1929 година, но нивната свадба никој не ја поддржал. Фрида му била на Диего љубовница, пријателка и животна сопатничка. Таа била негова животна муза, но далеку од тоа дека му била единствена. Статусот на оженет маж не влијаел на неговата навика да излегува со други жени. Што се однесува до Фрида, таа била заслепена од љубовта. Знаела за авантурите на својот сопруг, но на крајот му простувала.
Ни Фрида не му останала должна, па имала бурна романса со советскиот политичар, Леон Троцки. Размислувајќи како да ѝ се одмазди на својата неверна жена, Ривера одлучил да ѝ го зададе најлошиот удар, па тогаш спиел со нејзината помала сестра Кристина. Фрида не можела тоа да му го прости па во 1939 година отишла во Њујорк, каде ги потпишала документите за развод.
Фрида потоа имала проблеми со ‘рбетот, а кога се разбудила од операција во болницата, токму Диего бил првиот кој го видела. Кога дознал во каква состојба е Фрида, тој веднаш стигнал во болница и повторно ја запросил, а Фрида не можела да го одбие. Му поставила услов да немаат интимни односи, што за Диего било „зелено светло“ да биде со други жени. Ја опсипал својата жена со грижа и внимание, меѓутоа таа и понатаму не била среќна. Очајно сакала да стане мајка, но сите нејзини бремености завршувале со спонтан абортус. Здравјето на Фрида почнало се повеќе да се влошува, а поради гангрена морале да ѝ ја ампутираат ногата. Ноќта пред да почине, таа на Диего му подарила прстен кој го купила по повод 25-годишнината од нивната прва венчавка.
Диего бил покрај Фрида до последен момент, а бизарно се збогувал со неа јадејќи дел од нејзината пепел. Починал три години подоцна.