Граѓанските организации кои се дел од Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, како избрани претставници на граѓанскиот сектор, искажуваат силен револт од односот на Владата кон Советот и воопшто кон граѓанското општество.
Денеска преку писмено соопштение тие побараа од премиерот, Димитар Ковачевски да се сретне со претставници на граѓанските организации од Советот и на средбата да ја појасни политиката на Владата кон граѓанското општество, да се постигне согласност за претходно покренатите проблематични прашања и вистински да се возобнови дијалогот кој беше воспоставен во изминатите години.
-Ние, членовите на Советот за соработка од редот на граѓанските организации, констатираме дека во изминатата година работењето на Советот беше оневозможено преку владиното игнорирање на неговите клучните препораки и заклучоци, што е негова основна надлежност како советодавно тело на Владата. Неколкуте обиди да се воспостави директна комуникација и средба со Претседателот на Владата и со претставници од Владата за да се дискутира за суштински прашања што го засегаат функционирањето на граѓанското општество досега беа оставени без одговор – велат граѓанските организации.
Тие додаваат дека се длабоко загрижени, поради како што наведуваат, влошената соработка, отсуството на суштинска, па дури и на формална комуникација и дијалог.
Функционирањето на граѓанското општество е клучен показател за демократската клима во земјата, а кога тоа е загрозено – доведен е во прашање и напредокот на земјата, како и нејзиното приближување до Европската Унија. Во изминатиов период, а и сега, посебно ги потенцираме како предизвици следните прашања:
- Беа усвоени измени и дополнувања на Законот за здруженија и фондации без консултативен процес на засегнати страни, особено на Советот за соработка и пошироко граѓанските организации. Ценејќи дека постои активна работна група за измени и дополнувања на овој закон минимум очекувано беше од Владата да го отвори консултативниот процес преку јавна дискусија во Собранието на Република Северна Македонија;
- Во изминатата година Владата и формално и суштински ја прекрши институционалната поставеност во врска со укинувањето на средствата наменети за поддршка на активностите на граѓанскиот сектор од Генералниот секретаријат на Владата и без консултации го утврди Министерството за политички систем и односи со заедниците како надлежно министерство за распределба на средствата за поддршка на граѓанските организации. Со ваквиот начин на постапување, Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците излезе целосно од рамките на своите надлежности, што е утврдено со правната рамка на државата. Ова укажување беше во неколку наврати посочено од Советот за соработка, но Владата и Министерството целосно го игнорираа ставот на ова тело;
- Процесот за реформа на државното финансирање и покрај сите напори и во 2022 година не се реализираше и дополнително наместо да се предвиди зголемување на државното финансирање, граѓанските организации се соочија со кратење на средства по различни основи. Ова е целосно спротивно на Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанското општество согласно која децидно е предвидено зголемување на средствата за државно финансирање на ГО;
- Владата го затвори консултативниот процес за Реформа на државната управа со што се нарушија основните постулати за соработка со засегнати страни. Овој процес, кој претставува целосна и сеопфатна реформа на државните органи, и покрај неколкуте барања на Советот и воопшто на граѓанскиот сектор продолжува да се води само во рамки на министерствата.
Освен тоа, повеќе граѓански организации пријавуваат дека е значително стеснет просторот за работа на здруженијата и фондациите, а комуникацијата со повеќе министерства е влошена до загрижувачки размери, што се констатира и во повеќе извештаи кои се изготвени за овозможувачката околина на граѓанските организации.
Имајќи го предвид сето горе наведено, очигледно е дека Владата не работи на постигнување на целите на Стратегијата за соработка со и развој на граѓанското општество 2022-2024 и не го спроведува акцискиот план на оваа Стратегија. Истовремено, со оглед на нарушената работа на Советот, не функционира ниту системот за следење на исполнувањето на обврските на Владата од оваа стратегија, за што Советот има мандат – алармира невладиниот сектор.
Освен со Ковачевски, невладините бараат средба и со шефот на државата, но и со релевантни собраниски комисии, како и со амбасадорот на ЕУ во земјава со цел, како што сметаат, да се покаже конструктивност и зачувување на основните демократски вредности со што нема да се доведе во прашање работата на цел еден сектор во ова општество.