Нереализираниот повик од страна на гинекологот во март 2020-та година, спречил стружанката Моника Јованоски да дознае дека има ХПВ инфекција.
Резултатите од ПАП тестот кој Моника редовно го правела, не стигнале до неа, бидејќи како што вели, докторот заборавил да ѝ јави. Една година и три месеци подоцна, таа ќе дознае дека има рак на грлото на матката – дијагноза која целосно го променила нејзиниот живот.
Како живее сега и како го поминала периодот на лекувањето без да може секојдневно да ги гледа своите три деца, Моника отворено раскажа за Македонски медиа сервис. Нејзината животна приказна ја пренесуваме по повод Светскиот ден на борбата со рак, кој се одбележува денеска.
Јули 2021-ва, трите ќеркички на Моника безгрижно го минувале летото во Ливадишта, без да знаат дека нивната мајка на само 31 година се соочува со канцер, без да се свесни дека таа мора да замине на операција и дека извесно време прегратките нема да може да се толку силни како претходно.
Моника за ММС отворено раскажува дека две години пред да ја добие дијагнозата рак на грлото на матката, дознала дека има хипертироидизам и секој симптом го поврзувала со тоа. Така било сѐ до јуни, кога се јавило крварење кое веднаш го вклучило „алармот“.
„Веднаш се упатив на гинеколошки преглед, ми закажаа биопсија и за десет дена стигна резултатот карцином на цервикс“, вели Моника.
На моментот кога дознала за ова сѐ уште јасно се сеќава и вели дека кога ѝ соопштиле била сама дома со своите деца. Гледајќи ги, внатрешниот глас ѝ велел: „соземи се, не паѓај пред децата“.
Најтешко ми беше како да ѝ соопштам на мајка ми, бидејќи таа поминува втор пат низ ова, првиот пат со татко ми кој имаше тумор на мозокoт. Ѝ се јавив и реков: „Мамо резултатите пристигнаа, јас имам карцином“. Таа е борец невиден, ако не беше таа јас ова немаше да го издржам. Ми рече немој да се секираш, каде треба таму ќе те носиме, сите сме со тебе“, раскажува нашата соговорничка, која целиот пат успеала да го изоди рамо до рамо со својата мајка.
Тоа лето, исто како и претходните, нејзините деца биле во Ливадишта заедно со дел од останатите членови на семејството. Иако Моника и сопругот претходно оделе да ги посетуваат во викендите, по дијагнозата не било така зашто младата жена неуморно трагала по решение за болеста. Тоа не останало незабележано од страна на најголемата ќерка, Инес (9) која решила да „штрајкува со глад“ сѐ додека не ѝ кажат што ѝ се случува на мама.
„Пет дена не бев ни слушната со нив, не бев отидена да ги видам и најголемата ќерка која е девет години цело време прашувала каде е мама? Како што иделе луѓе прашувале како е Моника и таа сфатила дека нешто не е во ред. Кога се оперирав и излегов од болница ми се јави сестра ми и ми рече дека мора Инес да ја донесе да ме види, бидејќи три дена штрајкува со глад. Кога ја донесоа не можеше да престане да плаче, беше уплашена. Не можев да станувам, имав огромна рана на стомакот. Ѝ објаснив дека ќе бидам добра, да не ги нервира сестричките, да ѝ помага на тета. Остана со мене неколку дена, па се убедивме повторно да оди во Ливадишта“, додава Моника.
Операцијата, според првичните прогнози, требало да трае пет часа, но сепак завршила за помалку од три, откако докторите установиле дека со малигнитетот е зафатен само мал дел.
-Се оперирав во приватна болница, а и биопсијата таму ја правев. Со мене беше и хирургот Никола Дуни од Струга. Тој ми е како заштитник и кога ме подготвуваа за во сала бев многу исплашена. Прифатив да ми стават епидурална аналгезија, цело време се плашев од аналгезијата и од тоа што ќе биде кога докторите ќе ме отворат и што ќе најдат. Се онесвестив пред операција и докторот ми рече „те спремаме за операција, немој да правиш циркузи, ќе бидеш добра“. И влезе докторот кој требаше да ме оперира и ми рече „зошто си толку уплашена, докторот од Струга ти стигнува“. Јас тогаш заспав, си помислив во ред е, дојде докторот – раскажува Моника.
Со операцијата всушност биле извадена 13 лимфни жлезди и матката, а докторите биле задоволни бидејќи немало крварење, па закрепнувањето се одвивало добро.
Моника вели дека имала стравови, но никогаш не помислила на најлошото бидејќи и пред операцијата знаела дека болеста е рано откриена. Токму поради тоа што карциномот бил во прв стадиум, на Клиниката за онкологија во Скопје било одлучено дека оваа млада пациентка да нема хемотерапија. Тогаш за првпат Моника заплакала, но солзите биле радосници.
„Најголем страв имав првиот ден кога отидов на Клиниката за онкологија во Скопје, не знаев каква терапија ќе имам. Искрено, најмногу се плашев дали ќе добијам хемо. Кога дознав дека нема да имам хемо, првпат заплакав. Мојата докторка Виолета Клисарова стана и ме фати за рака, па ме праша зошто плачам. Јас ѝ реков дека кога заспивам со децата навечер, средната ќерка секогаш ми ја фаќа и ми ја витка косата. Како ќе ѝ објаснев на неа дека мама нема да има коса…Ми падна камен од срце, а докторката ми рече мора да си силна пред сѐ, за тебе, па за децата“, додава Моника.
Таа морала да помине низ третман со 25 зрачни терапии, па во тој период со нејзината мајка престојувале во Скопје.
„Пријатели мои ми дадоа стан во Скопје и многу им благодарам за тоа бидејќи не плаќавме кирија. Таму престојував со мајка ми, таа цело време беше до мене и ми помагаше. За викенд сопругот ме земаше и ме носеше дома за да ги видам децата, од кои најмалото е четири години. Им објаснивме дека мама оди во друг град за да ја прегледаат докторите и секогаш кога ќе си одев дома им носев по некоја нова играчка“, вели Моника.
Поради малата возраст, освен на најголемата, на другите две ќерки таа не можела да им објасни што точно се случува, но им доловила дека поради болки нема да може да ги крева во раце извесно време.
-Кога ја кренав во раце најмалата ќерка, Деспина, првпат после тоа таа ме праша дали ќе може отсега да ја кревам, дали веќе нема да ме боли мешето? Ѝ реков дека нема и беше многу среќна – ни раскажа Моника.
Таа вели дека првите две недели од зрачењето биле полесни, нус ефектите почнале за време на третата недела, а четвртата биле најизразени. Според неа, ваквото зрачење е поспецифично кога се работи за карцином на грлото на матката бидејќи од него се добиваат грчеви, толку јаки што се налик породилни болки.
„Откако завршија сите зрачења си отидов дома и уште две недели имав болки и морав да внимавам на исхраната – смеев да јадам компир, морков и ориз варен, незачинета храна, чаеви пиев, а најмногу од кантарион, диво оригано, нане и чај од црвена детелина. На исхраната и претходно внимавав, но ете не било од јадењето“, ни сподели оваа жена борец.
Болничките ходници, сепак, ѝ донеле и нови пријателства.
„Запознав една жена од Косово, таа доаѓаше приватно на зрачење во Скопје. Патиштата ни се споија, јас сѐ уште со неа се слушам.Таа е постара од мене, но поради некои околности доаѓаше секој ден во Скопје од Косово. Се слушаме со неа, таа е добра. Запознав две бабички, тие беа како злато. Запознав девојка од Битола со истиот карцином како мене, таа исто беше на зрачење, запознав и женичка од Штип“, додава Моника.
Со нетрпение чекала да закрепне и да се врати на своето работно место, во продавница за чанти и накит.
„Првиот ден бев исплашена и напната, бев под стрес. Вториот ден влегов во колосек, се појавив дотерана и нашминкана и многу ми е подобро да одам на работа отколку да седам дома бидејќи така си го враќаш филмот. Вака ми поминува времето и добро се чувствувам“, искрена е Моника која со поддршката од родителите, сестра и, својот сопруг и неговите родители успеала да го здогледа „светлото на крајот од тунелот“.
Непријатното искуство направило да извлече поука дека себе треба да се става на прво место, зашто животот е само еден.
„Претходно бев преокупирана со тоа да им удоволам на сите, гледав да е се стокмено и скоцкано за нив, а јас на последно место. Знаев дека не треба така, бидејќи сето тоа мене ми создаваше нервоза и напнатост, чекав некој нешто да ми одобри за да направам нешто. Сега не е така, имам поддршка од мајка ми и татко ми, си ги гледам децата, јас и сопругот. Грижата за себе е најголема бидејќи никој не ти вика фала“, смета Моника.
Додава дека ужива да оди на шопинг, да се грижи за својот изглед, но и да ужива во прекрасната природа која во изобилие ја има во селото Мислешево каде живее.
„Јас живеев во центарот на Струга, а сега живеам на крајот од селото и има уште три куќи до нас. Се е мирно, тишина, дворот е голем, има зеленило. Храната е домашна, нема коли, децата си играат слободно, имаат зајачиња, гулаби, кучиња. Свекор ми ме храни најдобро“, вели таа низ насмевка.
До сите жени апелира редовно да прават контролни прегледи и да бараат второ мислење, бидејќи гинекологот кај кого таа одела, не ѝ кажал дека има ХПВ вирус, но благодарение на нејзината навремена реакција приказната добила среќен крај.
Со својот непоколбелив дух, оваа млада жена и покрај тешките денови, денес е насмеана, но не заборава дека поголемата самодоверба дошла како поука од болеста која ја добила и за која зборува сосема отворено.
ММС ја пренесе нејзината инспиративна приказна во знак на поддршка на сите борци на кои е посветен денешниот, четврти ден од февруари.