Советот на Апелациониот суд Скопје информира дека првостепената пресуда за предметот познат како „Таргет-Тврдина“ е укината поради сторени суштествени повреди на одредби на постапката од Законот за кривична постапка, како и повреди на кои Судот внимава по службена должност, а кои повреди влијаеле и врз правилно утврдување на фактичката состојба и правилна примена на материјалното право.
Советот, како што е наведено во денешното соопштение од Апелациониот суд, утврди дека постои неусогласеност меѓу изречената пресуда и она што е наведено во нејзиниот писмено изготвен примерок, односно во изворникот на пресудата нема опис на противправните дејствија за секој од обвинетите.
-Предметот на Основен кривичен суд Скопје КОК бр. 47/17 и 39/18 е доставен на одлучување во Апелациониот суд Скопје, по поднесените жалби на ОЈО и на обвинетите, на ден 08.10.2021 година, кога согласно Автоматската распределба на предметите истиот е доделен на постапување на судија-известител. На ден 14.10.2021 година, предметот со сите списите е доставен до Вишото јавно обвинителство Скопје, заради разгледвуање и достава на предлог по повод изјавените жалби. На ден 30.11.2021 година списите на предметот се вратени во Апелационен суд Скопје, по што на ден 21.01.2022 година е издадена наредба за закажување на јавна седница за ден 07.03.2022 година, се наведува во соопштението.
По одржаната јавна седница на ден 07.03.2022 година, како што велат од Судот, заради одлучување по жалбите, Советот на овој суд повеќе пати заседаваше со оглед дека се работи за сложен предмет, во кој има повеќе обвинети лица со повеќе кривични дела и обемен доказен материјал.
-Одлуката по предметот е донесена на нејавен дел од седница, на ден 05.12.2022 година, кога е составен и потпишан записник за советување, а со оглед дека спрема дел од обвинетите биле определени мерки за обезбедување присуство, советот на Апелациониот суд Скопје во смисла на член 436 став 5 од ЗКП, одлучи и по однос на мерката притвор односно куќен притвор спрема дел од обвинетите. По изготвувањето и верифицирањето на решенијата за мерката притвор односно куќен притвор, истите се доставени до првостепениот суд на понатамошно постапување и истиот ден е издадено соопштение за јавноста за донесената одлука, стои во соопштението.