Веќе 2,5 години во Штипската клиничка болница нема примено ниту еден здравствен работник, а поради недостиг на кадар во речиси сите оддели во болницата потребата е огромна ,вели директорот на болницата Ален Ѓеорѓијев.
По разни основи во овој изминат период од Болницата заминале околу 70 здравени работници, 20 лекари, 16 сестри и останат персонал.
„Наскоро во градот ќе биде отворена нова специјализирана приватна болница, па веќе и се шпекулира дека доста медицински кадар ќе си замине од Клиничката болница. Не се знае точна бројка, ќе се знае идната година. Најверојатно нема да бидат само вработени од Одделот гинекологија-акушерство. Се претпоставува дека ќе заминат и доктори и сестри од одделите за анестезиологија, неонантологија, инструментарки и други профили. Сето тоа дополнително ќе ја отежне работата и во тој случај ќе имаме ургентна потреба од прием на нов кадар. Тоа ќе биде сериозен проблем за секоја засебна установа па и нашата Клиничка болница, бидејќи се работи за високоспецијализиран кадар, кој не може да се надополни преку ноќ.“
Ѓеорѓијев се надева дека конечно надлежните ќе го потпишат барањето за прием се со цел да се намали овој недостиг на кадар. Има оддели коишто во моментов функционираат нормално, но и оддели каде што има сериозен проблем со недостиг на доктори, медицински сестри, болничари и хигиеничари.
За нов прием на вработени се чека одобрение од Министерството за здравство и финансии.
„Кадар во регионот има, за што покажуваат и претходните огласи кога за едно место се пријавуваа двојно и тројно поголем број,“ додава Ѓеоѓијев.
Што се оденесува до Модуларната болница, која што во изминатиот период стана и мета на крадци, не се планира да се пренамени во претстојниот зимски период. Кога ќе се донесе одлука дека нема повеќе потреба за неа , за згрижување на ковид пациенти, истата ќе биде пренаменета според потребите.