Проф. д-р Дејан Трајковски од битолскиот Технички факултет го критикува договорот на Владата со Алказар Енерџи за изградба на ветерниот парк во близина на Штип:
- Иванка Трамп го стекна островот Сазан во Албанија, со површина од 5,5 квадратни километри, за сума од 1,4 милијарди американски долари, со визија преку развој на туризмот да ги поврати вложените средства и да оствари профит. Во нашата земја, пак, Владата, без значителен финансиски надомест, отстапи 3,4 квадратни километри ридски предели, идеални за изградба на државен ветропарк, на компанијата „Алказар Енерџи“. Оваа одлука овозможува на споменатата компанија да генерира годишни приходи од приближно 83 милиони евра, додека државата се лишува од можноста самата да ги искористи овие ресурси за истата цел.

Според Трајковски, државата прави фундаментална грешка:
- Земјиштето, чија пазарна вредност, според споредбата со слични парцели од V до VIII класа на надморска висина над 700 метри, изнесува околу 480 илјади евра, би можело да донесе приход од само 24 илјади евра годишно доколку се издава под закуп. Додека „Алказар Енерџи“ ќе остварува десетици милиони евра профит годишно, државата ќе добива финансиска корист еквивалентна на приход од закуп на едно кафуле. Најзагрижувачки е фактот што државата се откажува од можноста да изгради сопствен ветропарк на истото место (а друго подеднакво погодно место нема), кој би обезбедил електрична енергија за граѓаните по стабилна и ниска цена од околу 60 евра за мегават-час, а патем и самата да заработи. Наместо тоа, земјата ќе биде принудена да набавува електрична енергија, можеби токму од „Алказар Енерџи“, по берзански цени од најмалку 100 евра за мегават-час.
Трајковски смета дека постапката не е водена транспарентно и дека Алказар Енерџи е поставен во привилигирана позиција:
- За разлика од Иванка Трамп, која изложила на ризик 1,4 милијарди долари преку земјиште за проект за кој не се знае дали ќе ги врати вложените пари, кај нас „Алказар Енерџи“ без никаков ризик добива земјиште од кое сигурно ќе профитира, бидејќи ќе продава берзански производ – електрична енергија од обновливи извори. Оваа одлука ја отсликува неспособноста на Владата да привлече странски инвестиции што би биле од вистинска полза за граѓаните, а наместо тоа, предизвикуваат значителна економска штета. Доколку оваа постапка беше во интерес на државата, информациите немаше да бидат прикривани од јавноста. Напротив, ќе имаше јавна дебата, ќе беше распишан јавен повик и тендер или иницирана собраниска расправа во согласност со Законот за стратешки инвестиции. Ваква зделка не беше најавена пред изборите, а добивме нешто толку многу штетно, на што не можевме ниту да помислиме, додава Трајковски.

Од Алказар Енерџи велат дека компанијата ќе инвестира во ветерниот парк половина милијарда долари:
- Го започнуваме овој проект во партнерство со држава која покажа лидерство, визија и конкретна акција. Со инвестицијата од над 500 милиони долари не само што градиме ветерници, туку поставуваме темели за енергетска трансформација, изјави коосновачот и управувачки партнер на „Алказар Енерџи“, Даниел Калдерон на стартувањето на изградбата на ветерниот парк.
На стартот на изградбата на ветерниот парк на 16-ти јули присуствуваше и премиерот.
- Тоа е инвестиција од половина милијарда американски долари, со што ќе имаме повеќе електрична енергија произведена отколку што трошиме, кога имате структуриран проект и дисциплина, резултатите се неизбежни. Овој ветерен парк е само почеток – имаме и други идеи и проекти што ќе го следат истиот пат рече Мицкоски.

Опозициската СДСМ, пак, обвинува дека компанијата инвеститор е позната по тоа што ги продавала своите инвестиции:
- Наместо да се искористи за стабилизирање на енергетскиот систем и поевтина струја за граѓаните и компаниите, македонскиот ветер ќе полни приватни џебови. Иако Владата го претставува ветерниот парк на „Алказар“ како историска инвестиција – фактите говорат нешто сосема поинаку. Моделот на „Алказар Енерџи“ е јасен: развиј, изгради и продади. Токму тоа се случи со нивниот прв фонд – проектите развиени на Блискиот Исток беа продадени 100% на кинески државен конзорциум. Случајот Алказар Енерџи отвора и серија прашања за тоа дали има одобрение за градба на овој ветерен парк или не? СДСМ бара јавно да се објави органот кој го издал одобрението за градба и кога истото станало правосилно ако воопшто го има. Поради временската рамка и законските рокови отворени се сомнежите за нетранспарентност и можно кршење на законите, велат од опозицијата.
(К.М.)