МВР информира за спроведување акциски контроли во Скопје и Тетово.
-На 09/10.08.2025 година во периодот од 18.00 до 02.00 часот полициски службеници од СВР Скопје спроведоа зајакната акциска контрола во делот на сообраќајот како и во насока на одржување на поволна безбедносна состојба на подрачје на град Скопје. При тоа констатирани се 99 сообраќајки прекршоци, од кои 11 возила се подигнати со специјално возило “Пајак”, одземени се две возила поради предизвикување голема бучава, приведени се две малолетни лица за утврдување на идентитет, незастанување на даден знак Стоп и возење без возачка дозвола. Лишени од слобода се четири лица бидејќи при преглед кај нив биле пронајдени наркотични средства, информираат од МВР и додаваат:
-Во координација со инспектори за животна средина извршено е мерење на јачина на бучава на угостителски објекти. При тоа констатирано е дека два Угостителски објекти во централно градско подрачје го нарушиле јавниот ред и мир со пуштање на гласна музика и на истите им се сочинети за записници за констатирани прекршоци. Исто така во текот на изминатата вечер контролирани се и угостителски објекти во координација со Државен пазарен инспекторат при што е извршена контрола на документацијата, се вели во соопштението.
Освен во Скопје вакви контроли биле направени и во угостителски објекти во Тетово.
-На 09/10.08.2025 во периодот од 23:30 до 02:30 часот, полициски службеници од СВР Тетово, во соработка со Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе Скопје, спроведоа акциска контрола во угостителски објект во с.Желино, тетовско, сопственост на Ј.Ф.(48) од с.Желино и во угостителски објект во Тетово, во кој како управител се пријавил И.А.(22) од Тетово. При контрола во објектите биле затекнати 30 женски лица од Русија, Бразил, Србија, Албанија, Аргентина и Колумбија затоа што било констатирано дека го злоупотребиле туристичкиот престој, односно престојувале спротивно на целта. Тие биле задржани во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случајот, против странските државјанки, сопственикот и одговорното лице ќе бидат поднесени соодветни поднесоци, информираат од МВР.