Институтот за економски истражувања „Фајнанс тинк“ објави нова анализа според која храната веќе не е клучен фактор за растот на цените во земјава. По неколку години кога токму храната и енергенсите беа најголеми двигатели на инфлацијата, сега најсилен притисок доаѓа од услугите – особено во туризмот, угостителството и сместувањето – како и од зголемената домашна побарувачка поттикната од растот на реалните доходи.
Според институцијата, моменталните економски политики, кои често се фокусираат на широка поддршка (како голем раст на пензии или еднократни парични трансфери), можат да ја зголемат потрошувачката и да го одржуваат притисокот врз цените. Наместо тоа, препораката е помошта да биде насочена кон оние што имаат најголема потреба – домаќинства со ниски примања, самохрани родители и стари лица – со мерки што ќе бидат прецизно таргетирани и нема да ја нарушуваат пазарната динамика.
„Фајнанс тинк“ предупредува и за ризикот од „леплива инфлација“ – ситуација во која цените тешко се враќаат на пониско ниво и покрај тоа што првичните причини за нивниот раст веќе исчезнале. Овој феномен бара и фискалната и монетарната политика да останат дисциплинирани, а креаторите на политики да избегнуваат краткорочни и популистички мерки, како замрзнување на цените, кои по укинувањето доведуваат до нагло поскапување.
Анализата заклучува дека стабилизирањето на побарувачката и контролата на инфлациските очекувања ќе бидат клучни за враќање на ценовната стабилност во земјава.