Поранешниот пратеник и претседател на Собранието, Тито Петковски, изрази револт од игнорирањето на државниот врв на националистичките скандирања во Куманово и Скопје, во првиот случај против Албанците, а во вториот против Македонците:
- Загрижен сум за здравјето на државното раководство. Во спортската сала во Куманово, на меѓудржавен кошаркарски натпревар и во присуство на македонскиот дел од раководството,на чело со премиерот на македонската влада,дел од публиката скандираше националистички и шовинистички пароли против Албанците. На Градскиот стадион во Скопје, во присуство на албанскиот дел од државното раководство, на чело со претседателот на македонското Собрание,најголемиот дел од публиката скандираше иредентистички и шовинистички пароли против Македонија и Македонците. На прашања од новинарите упатени до премиерот на Владата и претседателот на Собранието,што мислат за криминалното однесување на дел од публиката во Куманово и во Скопје,и двајцата го дадоа истиот одговор-ниту нешто виделе ниту нешто чуле. Добро, на секој човек може да му се случи да има проблем со ушите и очите, но во овој случај се работи за здравјето на челните луѓе на државата,и тука нема шега. Загрижен за иднината на државата,црни мисли ми поминаа низ главата.Ако државното раководство неможеше да го види и да го слушне урлањето на македонските и албанските националисти во спортска сала и фудбалски стадион, како ли ќе ги види и слушне проблемите на тивките и невидливи граѓани?, истакна Петковски.