ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД денеска соопшти дека го почнува процесот на собирање 1.000 потписи за основање партија.
– Роковите се кратки, а принудени сме да формираме партија и да собереме потписи според строги законски правила за да имаме право да се кандидираме на избори и да продолжиме да се бориме. За воздух, за зеленило, за јавен интерес. За Скопје, какво што заслужуваме, посочуваат од Зелен хуман град.
Според нив, ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД ја формира првата партија во Македонија која во срцето на својата политичка агенда ги позиционира социјалната правда, заштитата на животните и животната средина, воедно е и првата партија во историјата на Македонија што ја основаат долгогодишни волонтери, а не спонзори.
-Ја основаат луѓе што со години во континуитет ги вложуваат своето знаење, време, енергија, како и финансии, за да создадат здраво и функционално општество за сите – и за луѓето и за животните. Иако сме принудени да ја основаме партијата само за да имаме право да се кандидираме на избори – нашето делување останува идентично како и до сега – хоризонтално, со директна демократија и активизам, отворено за секој што ги дели нашите вредности, се наведува во соопштението.
Како што посочуваат, во ЗХГ има строги правила на функционирање што ја задржало нивната хетерогена волонтерска група здрава и фунционална, а со тоа и доволно силна да иницира општествени промени.
-Ние сме единствената политичка група којашто има јавен и отворен процес за самокандидирање од сите наши сограѓани кои ги делат нашите заложби – МојКандидат. Апликациите на сите кандидати се објавуваат јавно и за нив може секој да гласа. Веќе втора изборна година по ред ја отвараме вратата на секој што смета дека има доволно знаење и ентузијазам да ни се придружи на нашата листа за Совет на Град Скопје, посочуваат од Зелен хуман град.
Активистите на Граѓанска иницијатива ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД посочуваат дека собирањето потписи (https://zhg.mk/potpisi/) е во наредните десетина дена.