Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) го доби решението за репрезентативност и на утрешната седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС) ќе го отвори прашањето за 500 евра минимална плата и за 6 000 денари дополнително зголемување на сите останати плати.
– Утре е добра можност Владата да покаже дека се грижи за работниците, а пратениците пред распишување на локалните избори да донесат брзи законски измени и да утврдат минимална плата од 500 евра, порача претседателот на ССМ Слободан Трендафилов.
Како што рече Трендафилов, синдикалната минимална кошничка што ја пресметува ССМ лани е зголемена за 6 500 денари, а оваа година само делот за храна и пијалаци од завршувањето на последната мерка пораснала за 2 000 денари или за 150 евра се зголемени трошоците за живот за едно четиричлено домаќинство.
Според него, не држат веќе изговорите на Владата дека работниците и работодавачите треба да седнат и да се договорат за зголемување на минималната плата.
Повикувајќи се на Евростат, Трендафилов нагласи дека 55,7 отсто од работниците и граѓаните во земјава не можат да си дозволат годишен одмор ниту седум дена во бунгалов во Дојран и тоа, рече, треба да ги загрижи креаторите на политиките.
Минималната плата од 400 евра во Македонија, рече Трендафилов, е пониска од онаа во Србија, Црна Гора, БИХ, Словенија и Хрватска.
-Владите во регионот им даваат поддршка на работниците, тоа треба да го направи и Владата во Македонија, порача Трендафилов.