Милиони луѓе кои се опоравуваат од зарази како Ковид-19, грип и жлездена треска, се погодени од долготрајни симптоми. Тие вклучуваат хроничен замор, замаглување на мозокот, нетолеранција на вежбање, вртоглавица, болки во мускулите или зглобовите и проблеми со цревата. И многу од овие симптоми се влошуваат по вежбање, феномен познат како пост-напорна малаксаност.
Медицински, симптомите се познати како мијалгичен енцефаломиелитис или синдром на хроничен замор (МЕ/ЦФС). Светската здравствена организација го класифицира ова како пост-вирусен синдром на замор, а е признат и од СЗО и од Центрите за контрола и превенција на болести на САД како мозочно нарушување. Доживувањето на болеста долго по заразувањето – не е ново, бидејќи пациентите ги пријавуваат овие симптоми со децении. Но, Ковид-19 го засили проблемот низ целиот свет. Речиси половина од луѓето со тековни пост-Ковид симптоми – сега ги исполнуваат критериумите за МЕ/ЦФС. Во написот објавен на порталот „Конверзејшн“ (Conversation) се вели дека од почетокот на пандемијата во 2020 година, се проценува дека повеќе од 400 милиони луѓе развиле пост-Ковид.
До денес, ниеден широко прифатен и тестиран механизам не ги објаснил целосно биолошките процеси што лежат во основата на долготрајното Ковид-19 боледување и МЕ/ЦФС. Ново истражување на научниците Масимо Нуњес, Лорен Кел, Аноук Слагеке, Роб Вист, Буртрам Филдинг, Даглас Кел и Етересија Преториус ги проучува крвта и кардиоваскуларниот систем кај воспалителни заболувања, како и поствирусни состојби, со нагласка на коагулацијата, воспалението и ендотелните клетки. Ендотелните клетки го сочинуваат внатрешниот слој на крвните садови и служат за регулирање на згрутчувањето на крвта, ширењето и стеснувањето на крвните садови, регулација на воспалението и други важни функции.
Меѓународниот тим научници предлага дека одредени вируси ги доведуваат ендотелните клетки во полужива, „зомби-видна“ состојба наречена клеточно стареење. Старите ендотелни клетки престануваат да се делат, но продолжуваат да ослободуваат молекули коишто го збунуваат имунолошкиот систем. Ова поттикнува згрутчувања во крвта што може да доведе до стеснување на крвните садови и ограничен проток на крв и кислород.
Некои делови од имунолошкиот систем ги убиваат клетките што стареат. Меѓутоа, долготрајните МЕ/ЦФС состојби честопати се проследени со нарушена функција на природни клетко-уништувачи. Старите ендотелни клетки, исто така, можат да испратат хемиски сигнал за да го одвратат имунолошкиот напад, па на тој начин, „зомби-клетките“ активно го избегнуваат имунолошкиот систем.
„Нашиот конзорциум тестира нови начини за откривање знаци на стареење во клетките што ги обложуваат човековите крвни садови. Како прво, ги изложуваме здравите ендотелни клетки во лабораторија на крв од пациенти за да видиме дали тоа ги турка клетките во состојба на стареење, или во ‘зомби-состојба’. Во истовреме, тестираме неинвазивни снимања и флуоресцентни сонди коишто во иднина би можеле да ги откријат овие стареечки клетки во телото. Во одредени случаи, биопсиите на ткивото подоцна може да потврдат што покажуваат скенирањата. Заедно, овие пристапи имаат за цел да утврдат како супстанциите што циркулираат во крвта го поттикнуваат стареењето на клетките и како тоа ги поттикнува болестите? Нашата цел е едноставна: да ги пронајдеме овие стареечки ендотелни клетки кај конкретни пациенти. Нивното утврдување ќе обезбеди информации за следниот круг клинички испитувања и ќе ја отвори вратата за терапии што директно ги таргетираат стареечките клетки, нудејќи пат до поздрави крвни садови и, на крајот – полесни оптоварувања со болести“, се вели во написот.
Клиничкото испитување, коешто го истражува стареењето на клетките кај пост-Ковид состојбата, е регистрирано во САД.