Вкупно 10 милиони денари ќе издвои градот Штип за купување и поставување на 146 камери за видео надзор на 54 локации. Командниот центар ќе биде во општината, каде шестмина вработени ќе мониторираат.
Десет од овие камери ќе бидат со висока конфигурација, а четири ќе бидат поставени на сите четири влезови во Штип. Камерите се очекува да бидат во функција на крајот на оваа година или на почетокот на следната.
Ова во главни црти се информациите што на седницата на Советот на општината Штип ги даде секретарот на општината, Вишна Шорова Англелова пред усвојување на Правилникот со кој се регулира видео надзорот. Целта е, како што рече, зголемување на безбедноста на градот и на граѓаните.
-Камерите ќе бидат поставени во сите градинки и училишта, во сите паркови и спортски игралишта, на пешачката патека, пешачката зона на улицата „Ванчо Прке“, на сите јавни површини на 54 локации. Камерите ќе се следат преку монитори од шест лица во просторија во општина Штип. Овие лица ќе добијат посебни сертификати, ќе бидат задолжени информациите да ги држат во тајност, рече Шорова Ангелова.
Овие шестмина оператрори ќе потпишат и изјава со која се обврзуваат на службена тајна. Снимките што од сите камери ќе се слеваат во еден видеорикордер, ќе се чуваат до 30 дена, а движењењто ќе може да се следи и на апликации.
На прашањето дали видеонадозорот е во корелација со најавата за поставување на камери од страна на МВР, Шорова Ангелова потврди, со образложение дека МВР-СВР Штип веќе определило локации каде ќе бидат поставени нивните камери, додека останатиот дел е покриен со општинските. По потреба, општинските камери ќе бидат ставени на располагање на МВР.