Црвената фаза бара задолжителни мерки, а не препораки – надлежните веднаш да донесат мерки за заштита на населението, реагираат од Левица.
-Согласно Акцискиот план на Институтот за јавно здравје (2025–2030), при надминување на граничните вредности на температурите од 39°C во јули (за скопскиот регион), се активира црвена фаза – состојба која бара итни и засилени мерки за заштита на населението. Во овој момент, согласно официјалните прогнози на УХМР, температурите низ државата достигнуваат и надминуваат 40°C – што значи дека Македонија е во црвена фаза, дефинирана како своевидна вонредна состојба. Во такви услови, несериозно и крајно неодговорно е институциите да излегуваат со неефикасни, незадолжителни препораки, наместо со обврзувачки мерки кои би ги заштитиле граѓаните, особено најранливите категории, велат од Левица и додаваат:
-Министерството за здравство и Владата ја минимизираат реалната закана по животот и здравјето на граѓаните, додека медицинските служби и Брзата помош се веќе преоптоварени. Дополнително, давање препораки до приватните работодавачи во контекст на македонските услови, каде работничките права се грубо прекршувани, е недоволно и апсолутно неефективно, стои во соопштението.
Левица бара итна и конкретна акција од министерот за здравство Азир Алиу и Владата:
– Да се донесат задолжителни мерки за ослободување од работни обврски на ранливите категории, лица над 60 години, хронично болните од кардио-васкуларни и респираторни заболувања, онколошките пациенти, лицата со дијабет, трудниците и сл. неселективно, односно независно од секторот, работата која ја обавуваат; Да се забрани работа на отворено во критичните часови (11:00 – 17:00); Да се активираат сите мерки од постоечкиот акциски план на ИЈЗ; Да се ангажираат и мобилизираат локалните самоуправи и Црвениот крст за згрижување на бездомници и обезбедување на јавни простори за ладење; Да се засилат контролните механизми и да се санкционираат работодавците кои ги игнорираат мерките. Ниту еден човечки живот не смее да биде ставен на коцка поради нечија неспособност, незаинтересираност или бирократска летаргија. Неодговорноста на институциите во ваква состојба е повеќе од пропуст – таа е опасна и потенцијално кобна. Бараме веднаш да се прекине со игнорирањето на реалноста и да се преземат сите неопходни мерки за заштита на граѓаните.