Во блок трансакција вчера на Македонската берза вчера беа продадени 51,2 отсто од акциите на ФК „Брегалница“ од Штип, со што преку мнозинскиот пакет клубот доби нов сопственик. За мнозинскиот пакет, новиот сопственик плати 150.000 евра, или половина од проценетата вредност на клубот, чии сопственици до вчера беа Крим Гогов од компанијата Кит-го, како мнозински акционер и Општината Штип. На слободниот пазар на берзата вчера се истргувани 128 акции по цена од 72.267 денари, или за мнозинскиот пакет е постигната цена од 9.250.176 денари.

Одлуката за продажбата на акциите беше донесена на вонредна седница на Советот на општината Штип, на 4 јули, откако претходно е постигнат договор за продажба на култниот градски клуб. Одлуката на Советот беше за продажба на сите акции во вкупна вредност од 300.000 евра.
Кој е новиот сопственик, официјално останува непознато се’ до утре, кога се очекува на прес конференција да биде претставена новото раководство и новиот стручен штаб. Излезе неточна шпекулацијата дека турскиот клуб Фенербахче е новиот сопственик откако во турските медиуми во име на сопственикот беше објавен демант.
Неофицијално зад управувачкиот пакет акции стои турски капитал, ама со македонска адреса, кој веќе се вмеша во други македонски клубови.
Утре на прес конференцијата во „Брегалница“ се очекува на се претстави Влатко Костов, познатиот штипски тренер со меѓународна кариера како шеф на стручниот штаб. Исто така, најавено е и претставувањето на новите фудбалери. Во меѓувреме, додека траеше неизвесноста околу судбината на клубот, од „Брегалница“ си заминаа браќата Димитриј и Стојан Попоски, Иван Глигоров, Димитриј Димитриевски, Дамјан Серафимов, Стефан Бабунски, Иљаз Чиљафи, Зоран Даноски, и Лука Георгиев.