„Ве молам, болката е преголема, сите ја чувствуваат. Ве молам, таа тема да ја оставиме на политичките глодари и лешинари. Јас сочувствувам со родителите. Ве молам, таа тема да ја оставиме на тие луѓе коишто навистина ја чувстуваат таа болка, а не на оние кои сакаат ситни политички поени да добиваат“. Со овие зборови премиерот Христијан Мицкоски одговори на прашање од новинар при неговата посета во Тетово.
Мицкоски не сака да разговара, барем не јавно за прозивката изминатиот викенд од родителите на загинатите деца во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Родителите го повикаа Мицкоски и неговиот кабинет јавно да ја објави снимката од средбата во неговиот кабинет, по кој тие изјавија дека премиерот им побарал да наведат цена за нивните деца по доставените барања.
„Во прилог на вистината, Ве потсетуваме дека на 07.07.2025 година (понеделник) во 17:00 часот, во Вашиот кабинет, се одржа официјален состанок помеѓу Вас и мнозинството од родителите на трагично загинатите деца. На истиот состанок целокупниот разговор беше целосно снимен од Ваша страна. Доколку навистина стоите зад своите зборови и верувате во транспарентноста и чесноста, Ве повикуваме слободно да ја објавите целосната видео-снимка од тој состанок, за јавноста самата да се увери во вистината“,побараа родителите од Здружение на граѓани „16-ти Март 2025“ – Кочани.
По заедничкиот состанок на 7 јули, премиерот Мицкоски во соопштение демантираше дека пред родителите барал да наведат цена.
„Не се точни наводите пренесени во дел од медиумите за состанокот со роднините на загинатите од кочанската трагедија. Во моментот се прави злонамерно дефокусирање и злоупотребување на трагичната судбина“, пишува во соопштението од Владата.