По скоро четири години на чело на Општина Македонска Каменица, градоначалникот Димчо Атанасовски го приведува кон крај својот мандат, кој го започна со амбициозна програма за подобрување на животот на граѓаните и модернизација на општинската инфраструктура.
Ветувањата кои ги даде во предизборната кампања во 2021 година вклучуваа реализација на повеќе капитални и симболични проекти, со јасно изразен фокус на зајакнување на локалната заедница, подобрување на административните капацитети и негување на културно-историското наследство.
Атансовски вети изградба на новa општинска зграда и реконструкцијата и пренамената на постојната општинска зграда, беа најавени и инвестиции во старите училишта во руралните средини, проект за рекреативен центар за возрасни лица, како и изградба на мини амфитеатар во дворот на СОУ „Миле Јаневски Џингар“. Осветлувањето на градскиот стадион беше уште едно од ветувањата кое требаше да придонесе за развој на спортот и спортската инфраструктура во Каменица.
Како приоритет, Атанасовски се обврза и за изградба на спомен-обележје за бранителите од конфликтот во 2001 година, како и импозантен, осветлен црковен крст, кој требаше да стане нов визуелен симбол на општината. Најавено беше и поставување на знамето на Општина Македонска Каменица на централна локација во градот.
Атанасовски вети и реконструкција на зградите на месните заедници, особено во маалските делови и руралните населби, како и уредување на градската депонија.
Канал 77 разговараше со градоначалникот на Општина Македонска Каменица, Димчо Атанасовски, дадена по повод завршувањето на неговиот мандат.
Тој се осврнува на реализираните проекти, предизвиците со кои се соочила локалната самоуправа, како и визијата за идниот развој на општината.
„Дури 90 отсто од програмата е реализирана. Изградивме нов спортски комплекс со пристапна улица до истиот, регулација на долното течение на реката Каменичка и ново современо ефикасно и енергетско осветлување на градскиот кеј, изградба на два нови пешачки моста, асфалтирање на повеќе локални патишта и улица до приградските средини.
Реализирана е и изградба на водоводни канализациони мрежи до повеќе места, фотоволтаични системи на јавни места, значителна реконструкција на двете училишта и детската градинка, улично осветлување на влезот и излезот на градот, набавка на ново специјализарно возило за здравствено возило и лица со посебни потребни и над 250 проекти од општината, проекти кои ќе ни биде потребно многу време за да разговараме за истите“, вели Атанасовски.
Атанасовски ветил и изградба на нова општинска зграда, како и изградба на спомен обележје на бранителите од конфликтот во 2001 година.
„Од она што не е реализирано, отпочнавме постапка за реконструкција на Здравствениот дом, не е реализирана и изградбата на стационар за кучиња, во врска со новата општинска зграда, таа е во подготовка на тендерска документација, не е завршена бидејќи имаше несогласувања со централната власт, со мнозинството на Советот и дури сега успеавме да ја преминеме во развојна програма, да почнеме со реализација.
За ветувањето за спомен обележје на бранителите од конфликтот од 2001 година сакаме да биде одбрано најдоброто место со поддршка од сите бранителите кои биле вклучени во воените дејствија. Најдобро би било тоа да го направиме во соработка со Здружението на бранителите“, вели тој.
Атанасовски зборуваше и за најголемите предизвици со кои тој се соочил како градоначалник во овој мандат.
„Несогласувањата морам да признаам со лицата од Советот, едно е водење на политика, друго на политиканство, оние кои ќе добијат град треба да водат грижа за граѓаните кои им ја дале довербата на истиот политичар. Со тимот изработивме максимално и покрај сите предизвици, ние сме една од најчистите општини и морам да признаам дека сме задоволни од досегашното работење“, објаснува Атанасовски.
Опозицијата смета дека Атанасовски ништо не сработил
Во рамки на темата за завршницата од мандатот на градоначалникот на Македонска Каменица, свое мислење даде и Влатко Андоновски, претседател на општинската организација на СДСМ, кој како претставник на опозицијата даде оценка за сработеното, нереализираните ветувања и приоритетите кои, според него, биле запоставени во изминатите четири години.
„Со еден збор катастрофа, градоначалник кој го имаше најголемиот буџет досега на Општина Македонска Каменица, но за жал и градоначалник кој имаше најмал процент на реализација на истиот, особено во делот на капитални инвестиции. Сѐ во едно, неспособност, лошо менаџирање, немање слух за нови проекти ниту пак за модернизација на општината“, вели Андоновски.
Според Андоновски, и оние минимални проекти кои што биле реализирани, или биле отпочнати од претходната локална власт која беше предводена од СДСМ, или за истите веќе имало изработено проекти па слободно можело да започне со нивна реализација, што не било ист случај пред 8 година кога наследиле општина без финансии и без никаков проект.
„Освен трошење на пари на плати, награди, договори на дело, друго не беше приоритет, за возврат граѓаните добија само поголеми давачки и нетранспарентна општина. Капиталните инвестиции за кои се одвојуваа средства, но на крајот на годината не се реализираа“, објаснува тој.
Андоновски откри што смета дека треба да биде приоритет за Општината.
„Потребно е подобрување на локалната инфраструктура, особено во руралните средини, со повеќе инвестиции во патишта, водовод и канализација. Македонска Каменица се уште има проблем со водоснабдувањето, особено во летниот период. Треба да се поттикне економскиот развој преку поддршка на малите и средни претпријатија и промоција на туризмот.
Исто така, развој на Каменица како ново туристичко место, која ќе биде атрактивна туристичка дестинација, развој на младински програми и едукација, со посебен акцент на дигитални вештини и иновации за младите, како и енергетска независна општина, во која покрај јавните институции ќе се субвенционираат и проекти за енергетска ефикасност и на самите граѓани“, дециден е Андоновски.
Идентичен став има и Дејанчо Стоиловски, в.д. модератор на локалната организација на Левица во Македонска Каменица кој смета дека градоначалникот ништо не сработил.
„За овие изминати четири години за градоначалникот проблем беше централната власт, но и при нејзина смена, се продолжи со истото темпо на работа. Од капитални проекти немаме апсолутно ништо освен два моста што беа направени во Македонска Каменица. Немаме отворени работни места освен рудникот Саса, нема луѓето каде да работат. Наши сограѓани патуваат во Кочани и Виница за да работат таму, мора да се направи нешто за луѓето овде да работат“, смета Стоиловски.
Иако градоначалникот се вади со Советот, а Советот со градоначалникот, ако се има волја, можеше да се седне и да се разговара за повеќе проекти, вели Стоиловски.
„Тие ќе си најдат заеднички јазик само кога треба да се покачуваат паушали и за покачување на К15 на вработените во општината. Нас нас како општина ни фали голема инвестиција околу Калиманското вештачко езеро. Нема ниту една викендица, ниту ресторан, а сакаме да промовираме туризам. На тој начин мислам дека ќе се отвореа повеќе работни места и тука луѓето ќе инвестираа, ќе беа задржани. Вака тие се селат во Штип, Кочани или Скопје“, објаснува тој.
Стоиловски е на став дека Општината треба да направи некаков план за да го задржи населението овде бидејќи истото е намалено, можеби и преполовено.
„И тие 100 евра што општината требаше да ги дава за новороденче наводно не биле исплатени на сите. Имаме пари за секое новороденче да издвоиме пари. Мислам дека дури и 100.000 денари да издвоиме нема да биде проблем за општината. Во Македонска Каменица луѓето повеќе одат во казината отколку во рестораните кои се празни. Го имаме Калиманското езеро, имаме планински предел кој е добар, треба многу внимание да посветиме, а досега не е посветено ниту 10 отсто од тоа што треба да се посвети“, дециден е тој.
Во завршницата на мандатот, јавноста сè повеќе бара отчет: кои од овие ветувања се реализирани, кои останаа на хартија, а кои беа одложени или преобликувани? Дали овој мандат донесе суштински напредок за Македонска Каменица или само симболични потези?
Одговорите на овие прашања ќе бидат од клучно значење за граѓаните при оценката на досегашното владеење, но и за одредување на правецот во кој ќе се движи општината во претстојниот изборен циклус.