Со влегувањето во последната година од мандатот на актуелниот градоначалник на Општина Велес, Марко Колев, јавноста сè повеќе ги насочува очекувањата кон отчетот за ветеното и реализираното. Колев стапи на функцијата со амбициозна предизборна програма, ветувајќи проекти што значително ќе го променат урбаниот лик, инфраструктурата и квалитетот на живот во Велес.
Некои од најважните точки од неговата програма беа изработка на Генерален урбанистички план за град Велес, регулирање на кејот на реката Вардар, реконструкција на мостот кај Башино Село, како и на Противпожарниот дом ТППЕ Велес, воспоставување систем за контрола на сопствеништво на кучиња, формирање на Развоен истражувачки бизнис центар за млади.
Покрај ова, Колев вети и катна гаража и нов плоштад во централното градско подрачје, проширување на индустриската зона Мамутчево и формирање на Мамутчево 2, пренамена на поранешниот хотел „Вила Зора“ во дом за стари лица, изградба на пречистителна станица за отпадни води за Велес и ново сообраќајно решение за влез во населба Костурница, како и вело-парк околу Велес.
Во своето кратко обраќање за три години градоначалник, Колев рече иако се соочил со многу предизвици, покажал дека може да работи и покрај сѐ.
„Работевме макотрпно на подобрување на подземната и патната инфраструктура, инвестиравме во современи и функционални спортски и детски игралишта, го разубавевме градот со нови и обнова на постоечките хортикултурни катчиња. Изградбата на подземната катна гаража и уредувањето на градскиот плоштад е веќе реалност, а ќе направам се и да започне и изградбата на нов мост кај Башино село“, рече Колев.
Канал77 во неколку наврати се обрати до градоначалникот Колев за коментар за неговиот мандат, но не добивме одговор.
Опозицијата со јасен став: Градот тоне
Во однос на тоа што мисли опозицијата за сработеното во овој мандат на градоначалникот Марко Колев, советникот во Советот на Општина Велес од редовите на Левица Игор Смилев смета дека имало многу шминка за нејасно да се гледа ликот на Велес.
„Тие беа фокусирани на работите кои секојдневно се гледаат, но суштински не влијаат на квалитетот на животот. Ветеното многу малку се исполни. Градоначалникот Колев вети дека нема да дозволи урбанизација на езерото Младост, а во неговиот мандат местата кои беа предвидени за хотелски сместувачки капацитети се претворија во комерцијални станови. Овој градоначалник ќе биде запаметен по тоа што во неговиот мандат се уништи еден цел еко систем“, вели Смилев.
Тој додава дека Велес е пуштен низ вода еколошки во овие четири години, дека се молчи и ништо не се презема.
„Општина Велес и градоначалникот се транспарентни само кога се асфалтираат улици. За четири години ниту една капитална инвестиција нема. За него инвестиции беа асфалтирањето на улиците и неколку детски игралишта. Имаме и рекордна загуба на вода од Јавното комунално претпријатие од околу 60 отсто. Дури 100 отсто се зголеми цената на ѓубрарината што се рефлектираше на сметките за вода“, додава тој.
Според него, од топ три најтранспарентни општини, Велес станала меѓу најнетранспарентните општини.
„Градоначалникот нема став за суштински круцијални работи кои што живот значат како што е поморот на риби, езерото Младост, дивоградбите на реката Бабуна, загадувањата на големите загадувачки капацитети. Молк по сите основи. Немаме локален еколошки инспектор веќе петта година, тенденциозно не сака да распише јавен оглас“, дециден е Смилев.
Тој објаснува дека градоначалникот ја информира јавноста само за убавите работи.
„Комуницира со јавноста само за асфалтирање на една улица по три пати или за отварање на детско игралиште. Единствената комуникација со јавноста е во рамките на тие случувања“, рече Смилев.
Велес мора да вложи повеќе во културата
Основачката и директорка на Фондацијата за култура „Ангел Петров“ од Велес, Светлана Петрова, изрази сериозно незадоволство од актуелната состојба со културните случувања во градот. Таа остро ја критикува работата на институциите и недостигот на сериозен ангажман за културниот развој на Велес.
„Станува збор за просечни културни манифестации кои не ги задоволуваат моите капацитети. За некого можеби се доволни, но за мене не,“ вели Петрова, додавајќи дека Велес како град има многу поголем потенцијал и капацитет за културна афирмација.
Особено ја потенцира потребата од соодветен простор за културни настани, нагласувајќи дека во новиот дел на градот нема сала за концерти, ниту услови за изложби со поголем обем.
„Просторот што сега го има градот е со капацитет за 30-40 уметнички дела. Тоа е недоволно. За да промовирате култура, треба да имате простор и услови – а ние тоа го немаме“, објаснува таа.
Петрова критикува и за кадровската поставеност во културниот сектор, велејќи дека во Велес има несоодветни луѓе на несоодветни места со кои често не може ниту да воспостави контакт.
„Ако сакам некоја културна манифестација, тогаш одам во Скопје бидејќи овде не е развиено. Претходно иницирав детска ликовна колонија, но не наидов на разбирање, па се повлеков“, рече Петрова.
Нејзиниот став е дека културата не смее да се третира како дополнителна обврска или политички трофеј, туку како суштински сегмент од развојот на заедницата.
Оваа критика отвора прашање за приоритетите на локалната власт, инвестициите во културната инфраструктура и потребата од стратегија која ќе го врати градот на културната мапа на Македонија.
Со приближувањето на крајот од неговиот четиригодишен мандат, актуелниот градоначалник на Велес, Марко Колев, се соочува со засилени очекувања за отчет за ветените и реализирани проекти. Веќе е познато и дека Колев ќе бара втор мандат како градоначалник на Општина Велес. За некои тој направил напредок во инфраструктурата, за други – симбол на пропуштена можност за вистинска трансформација на Велес. Останува да се види дали во преостанатиот период ќе успее да го убеди населението дека ветеното може сè уште да стане реалност.