По целосно испитување на настанот, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог против едно лице за кривично дело – Насилство од член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
-На 11 јули, на улицата „Севастополска“ во Скопје, обвинетиот извршил грубо насилство врз градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, со кое предизвикал телесна повреда кај оштетената и чувство на несигурност, загрозување и страв во јавноста. Додека градоначалничката заедно со овластени службени лица, присуствувала на локација по претходна пријава на граѓани во врска со бесправно градење и неовластено приклучување на водоводна и електропреносна мрежа на објект, обвинетиот пристигнал со електричен тротинет и ѝ се приближил заканувачки. Потоа физички ја нападнал, удирајќи ја најпрво по лицето и раката, а потоа со нога во пределот на левата потколеница. Откако присутните униформирани полициски службеници реагирале да го спречат во намерата, продолжил и вербално да ја навредува и да и се заканува, информираат од ОЈО.
Јавниот обвинител до Судот достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот, за кој и натаму постои опасност да се даде во бегство или да го повтори делото.
-За истиот настан, за насилство со вербални закани кон градоначалничката беше пријавено уште едно лице, меѓутоа по прибирање на сите докази, вербалните искази на сведоците и оштетените, како и извршеното препознавање со соочување се утврди дека оштетените не го препознаваат пријавеното лице како сторител на заканувачки и насилнички дејствија кон нив. Бидејќи не постојат материјални и вербални докази од кои неспорно би се утврдила кривична одговорност на второпријавениот за конкретното кривично дело, јавниот обвинител донесе решение за отфрлање на кривичната пријава против него и на судот му предложи да ги укине претходно определените мерки на претпазливост за тоа лице, велат од ОЈО