Со поставување на камен-темелник, денеска официјално започна изградбата на еден од најголемите енергетски проекти на Балканот – ветерен парк во близина на Штип, инвестиција вредна половина милијарда американски долари. Зад проектот стои компанијата „Алказар Енерџи Партнерс“, која на површина од 326 хектари ќе инсталира 55 современи турбини со капацитет да произведуваат една терават-час електрична енергија годишно – доволно за да се снабдат со струја над 100.000 домаќинства.
Оваа енергетска мегапроектна иницијатива е дел од поширока стратегија за зајакнување на енергетската независност и транзиција кон обновливи извори на енергија.

Според првичните пресметки, ветерниот парк не само што ќе ја намали потребата од увоз на електрична енергија, туку ќе резултира и со намалување на емисиите на јаглерод диоксид, како и со отворање на околу 600 нови работни места за време на изградбата, директно и индиректно.
На свеченоста присуствуваа клучни владини претставници, вклучително и премиерот Христијан Мицкоски и вицепремиерот за економски прашања Александар Николовски, како и коосновачот и управувачки партнер на „Алказар Енерџи“, Даниел Калдерон. Во своето обраќање, Калдерон ја пофали подготвеноста и дисциплината на македонските институции:
„Го започнуваме овој проект во партнерство со држава која покажа лидерство, визија и конкретна акција. Со инвестицијата од над 500 милиони долари не само што градиме ветерници, туку поставуваме темели за енергетска трансформација“, рече Калдерон.

Тој посочи дека според анализа на BloombergNEF, Западен Балкан е регистриран како растечки пазар за инвестиции во обновлива енергија, со проекти во вредност од над 11 милијарди долари во наредната деценија. „Македонија, со својата географска позиција, образовен кадар и институционална дисциплина, може да привлече од 30 до 40 проценти од тие инвестиции“, додаде тој.
Премиерот Мицкоски истакна дека проектот е резултат на над една година интензивни подготовки, координации и ветувања кои сега добиваат конкретна форма. Според него, дисциплината и јасната визија се клучни за успешна реализација:
„Кога имате структуриран проект и дисциплина, резултатите се неизбежни. Овој ветерен парк е само почеток – имаме и други идеи и проекти што ќе го следат истиот пат“, рече премиерот, додавајќи дека Владата останува посветена на економскиот раст и енергетската стабилност.

Министерот за транспорт и врски, Александар Николовски, го нагласи значењето на овој проект во контекст на европските регулативи. Според него, од 2026 година индустриите што работат со челик и метали – кои се меѓу најголемите придонесувачи во македонскиот БДП – ќе мора да користат „зелена“ енергија, во спротивно ќе се соочат со казни во рамки на ЕУ-пазарот.
„Ветерниот парк во Штип е одговор на новите економски реалности. Ние не само што градиме енергетска независност, туку и обезбедуваме конкурентност за нашата индустрија на европскиот пазар“, потенцираше Николовски.

Според говорниците, освен енергетската добивка, проектот ќе има и значителни економски ефекти – директно преку зголемена домашна продукција на енергија, но и индиректно преку придонес кон локалното стопанство, технолошка трансформација и градење на нови капацитети.
Ветерниот парк ќе биде поврзан со националната електроенергетска мрежа.
Проектот на „Алказар Енерџи“ е дел од поширокиот план за декарбонизација и транзиција кон одржлива енергетска економија, со цел Македонија да ги исполни своите обврски во рамки на Зелената агенда за Западен Балкан и Климатскиот договор од Париз.
Според Владата, со вакви проекти, земјата се позиционира како лидер во регионот во областа на обновливите извори на енергија, отворајќи пат за нови странски инвестиции и модернизација на енергетскиот сектор.
(К.М.)