Подготвен е и меморандум со ТППЕ Струмица и денеска ќе биде потпишан, врз чија основа ќе се изготви протокол и индивидуални решенија со кои секоj пожарникар-спасител ќе добие плата од 80.000 денари плус додатоци. Со Синдикатот на УПОЗ постигнавме договор – септемвриската плата на сите вработени во администрацијата на Општина Струмица ќе биде зголемена за 20%. Ова е информација од градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, кој вели дека останува на дадениот збор и особено што добро знае што прават овие луѓе за градот или како што потенцира „ луѓе кои живот дадоа за Струмица“.
-Ме прашуваат зошто поголема плата за пожарникарите? Одговорот е едноставен: Затоа што нема цена за спасен живот. Нема плата што може да ја плати храброста. Нема систем без оние што се фрлаат во оган кога сите други бегаат. Каква е таа држава, каква е таа општина, каков би бил јас како градоначалник ако му кажам на пожарникарот-спасител дека 30.000 денари се доволни, и ако не му се допаѓа – нека си оди? Не, драги мои. Така не се гради систем. Така се распаѓа држава. Јас сум стоел со нив во пожари, во несреќи, во земјотреси. Ги гледав како со крвави раце влечат живи и мртви од урнатини. Како се качуваат до петти спрат за да спасат дете, миленик или спомен на некого. Како дежураат по цела ноќ, додека ние спиеме мирно. Тие не работат тие служат. Тие не прашуваат тие трчаат. И затоа, од оваа година, ќе имаат плата каква што им прилега – достојна за херои. 80.000 денари плус додатоци – не е дар, туку исправување на неправдата. Затоа што херојството не смее да биде сиромашно, напиша Костадинов.
Актуелниот градоначалник додава дека тој не кандидат за никаква позиција, но како струмичанец кој ќе продолжи да чекори по струмичките улици, и ќе мора, со исправен поглед, да го погледне секој еден спасител и да му каже:„Кога можев, направив сè за тебе. Затоа што ти го правиш невозможното за сите нас.“
Додека во Струмица се вреднува работата на пожарникарите, во тек е повик за ангажирање на 400 пожарникари од редовите на невработените. Ќе бидат ангажирани времено, пет месеци, за надоместок од 24.000 денари.