Турскиот весник Хуриет го пренесува соопштението на турскиот клуб Фенербахче во кое се демантира информацијата пренесена и во некои турски медиуми и на социјални мрежи дека се нови сопственици на штипска Брегалница.
Во соопштението се вели: „Тврдењата дека купивме клуб од Македонија не ја одразуваат вистината“. Се тврдеше дека Фенербахче купил 85 проценти од акциите на Брегалница Штип, еден од тимовите од Втората лига на Северна Македонија. Тимот на жолтите морнари одговори на ова тврдење. Фенербахче ги негираше тврдењата дека претседателот Али Коч или клубот купиле клуб од Македонија. Во соопштението се наведува:
„Во последните денови, некои медиуми и социјалните медиуми објавија дека Фенербахче или нашиот претседател г-дин Али Ј. Коч купиле фудбалски клуб во Македонија. Би сакале да нагласиме дека, со цел правилно информирање на јавноста, ниту еден клуб не е купен во земјата за која станува збор, ниту преку корпоративниот идентитет на Спортскиот клуб Фенербахче, ниту преку лични иницијативи на нашиот претседател г-дин Али Ј. Коч“, соопшти турскиот клуб.

Али Коч, претседател на Фенербахче
Претходно во турските медиуми беше пренесена вест дека Фенербахче платил вкупно 300 илјади евра за 85 проценти од уделот во штипскиот клуб во согласност со договорот.
Во македонските медиуми имаше вест дека уделите на ФК Брегалница се продадени на Фенербахче, но никаде не беше наведен извор на оваа информација.
Во Советот на Оптштина Штип во петокот на 4 јули се одржа вонредна прес седница на Советот на општината, на која беше одобрена продажба на 49 отсто од уделите во клубот што ги има општината. И покрај инсистирањето од опозицијата градоначалникот Иван Јорданов не соопшти дали е познато на кој се продаваат удели, ниту пак го спомена името на турскиот клуб Фенербахче. Штипската спортска јавност се’ уште нема информација кој сака да ги купи уделите на ФК Брегалница, кој пред 4 години одбележа еден век постоење. ФК Брегалница сезоната ја заврши на четвртото место на второлигашката табела и во новата ќе се натпреварува во втората Македонска фудбалска лига.