Истражување на научници од универзитетите во Кембриџ и Копенхаген откри најстар ДНК-доказ за чумата – бактерискиот причинител „Yersinia pestis“, во човечки остатоци стари околу 5.500 години. Во научниот труд, објавен во списанието „Нејчр“ (Nature), се анализирани ДНК-примероци од коски и заби на 1.313 лица кои живееле во Европа и Азија во каменото доба (37.000 – 12.500 години), па сѐ до пред 200 години.
Научниците идентификувале 214 патогени што го напаѓале човекот низ минатото, вклучително и зоонозни болести – оние што се пренесуваат од животни на луѓе, а се стари најмалку 6.500 години. Професорот Еске Вилерслев изјави дека преминот од ловечко-преселнички живот кон земјоделство и сточарство отворил нова ера на заразни болести.
– Овие инфекции не предизвикувале само болести, туку можеби довеле и до колапс на популации, миграции и генетска адаптација, вели тој.
Откриени се и траги од дифтерија (стари 11.000 години), хепатит Б (9.800 години) и маларија (од пред 4.200 години). МИА