„Барби“ ја проширува својата посветеност на инклузивноста, со својата прва кукла со дијабетес тип 1. Куклата е дизајнирана во партнерство со „Брејктру Т1Д“ (Breakthrough T1D) – водечка организација за истражување и претставување на лицата со дијабетес, којашто сега е дел и од линијата „Барби фашонистас“ (Barbie Fashionistas), објави Си-ен-ен (CNN).
Криста Бергер, потпретседателка на брендот на компанијата „Мател“ (Mattel), вели дека нивните кукли го обликуваат позитивниот светоглед на децата.
– „Барби“ помага во обликувањето на погледите на децата кон светот од најрана возраст. Со одразување на медицинските состојби како што е дијабетес тип 1, ние обезбедуваме повеќе деца да можат да се видат себеси во приказните што ги замислуваат и во куклите што ги сакаат, изјави Бергер.
Дизајнот содржи континуиран монитор за гликоза на раката на девојката, прицврстен со розова медицинска лента во облик на срце, заедно со инсулинска пумпа на половината. Со новата „Барби“, исто така, доаѓа и паметен телефон со апликација за следење на мониторот, сина облека со точки и пастелно сина чанта – со цел да ја претстави свеста за дијабетесот.
Донација од кукли беше дарувана и за Детскиот конгрес „Брејктру Т1Д 2025“, којшто се одржува во Вашингтон, САД, од 7 јули до денеска, каде што 170 деца од целиот свет се залагаат за подигање на свеста за дијабетес тип 1.
Новата кукла „Барби“ е веќе биде достапна за купување. Цената за еден примерок е 10,99 американски долари, т.е. 9,4 евра или 580 македонски денари.