Основното јавно обвинителство Битола поведе постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило дело – Напад врз здравствен работник и здравствен соработник при вршење здравствена дејност предвидено во член 304-г од Законот за здравствена заштита, како и кривично дело – Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста согласно член 383 од Кривичниот законик.
-На 29 јуни, во казино во Битола, осомничениот најпрво нападнал доктор од итната медицинска служба кој му давал лекарска помош. Го удрил со тупаница и му нанел телесна повреда. По укажувањето на медицинската помош, осомничениот бил пренесен во ЈЗУ Клиничка болница – Битола каде исто така давал активен отпор да биде третиран, па била повикана и полициска асистенција. Кога пристигнале двајцата полициски службеници, осомничениот 28-годишник и нив ги нападнал, ги удирал повеќе пати и им се заканувал, информираат од ОЈО.
Ценејќи дека се исполнети законските основи – опасност од бегство и можност за повторување на делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.