Веќе е познато дека Максим Димитриевски ќе бара нов мандат за градоначалник на Куманово.
Едно од прашањата кое се поставува е што во овој мандат локалната власт предводена од него успеала да реализирала од она што го ветила?
Изградба на три детски градинки, кружни тека за намалување на сообраќајниот метеж, како и изградба на водоводни мрежи се само дел од ветените проекти.
Од општина Куманово велат дека реконструирани се спортската сала, соколанскиот парк, градскиот парк, два нови кружи тека, изградба на улици, како и дека била започната комплетна изградба на инфраструктурна мрежа со нова атмосферска и фекална канализација. Тие велат дека е изработена и нова водоводна мрежа и изградба на дел од сообраќајници со осветлување во новата индустриска зона Новини и Речица.
„Проект кој се уште не е започнат со реализација е изградба на детска градинка во населба Зелен рид, за кој Општината аплицираше на вториот Владин повик за средства од унгарскиот кредит. Следува изградба на нов кружен тек во градот. Сите други активности се започнати, а од нив се завршени“, велат од општина Куманово.
Тие додаваат дека во текот на мандатот била додадена мерката Бесплатен автобуски превоз.
„Ние сме единствената општина во државата и регионот која воведе бесплатен јавен превоз за сите граѓани на сите линии, во согласност со утврдените возни редови, овозможувајќи сериозни заштеди на граѓаните. Оваа мерка се користи уште од почетокот на 2023 година“, потенцираат тие.
За Општината најголеми предизвици во овој мандат биле имотно-правните односи и експропријацијата, како и недостаток на техничка документација и соодветна урбанистичка документација.
Тие се гордеат со неколку проекти кои биле сработени во овој мандат.
„Целосно беа реконструирани спортската сала, соколанскиот парк и неговото хортикултурно уредување, игралиштето за кошарка во тој комплекс, градскиот парк, како и изградба на два кружни тека“, рекоа од општина Куманово.
Опозицијата на став дека не бил реализиран ниту еден капитален проект
Според претседателот на ОО СДСМ Куманово Дарко Ристовски, работата на градоначалникот во овој мандат била лоша и незадоволителна каде генерално во текот на целиот мандат тврди дека тој константно бил отсутен од седниците на Советот, освен ако се работело за приватни и тесно партиски интереси.
„Седници за Советнички прашања имавме по еднаш во година, а според Статутот и Деловникот на Советот требаше на секои три месеци. Комуникацијата со граѓаните беше сведена преку медиуми и социјални мрежи, никако со непосреден контакт и средби со граѓани. Од ветените проекти не е реализиран ниту еден капитален проект“, смета Ристовски.
Во делот на нереализирани капитални проекти, тој ги спомена Спортската сала Соколана и малиот плоштад во Куманово.
„Реализиран е еден кружен тек чија реализација и рок на изведба беше неколку пати пролонгирана со анекси на договорот а граѓаните и сообраќајот останаа парализирани во тој дел на градот. Исто така не се реализираа и изградбата на канализациона мрежа на Булеварот Октомвриска револуција или барем интервенција во тој дел. Кејот не беше уреден воопшто а Куманово не доби ниту едно ново паркинг место“, вели тој.
Ристовски додава дека ветените нови катни гаражи и паркинг места ги нема, нема нова водоводна мрежа и се ова се должи на комбинација на непланско работење, коруптивниот елемент како и неспособност односно лошо менаџирање на процесите во реализација на развојните програми.
„Од се она што беше ветено во нивната кампања за Локалните избори во пракса беа сосема други работи. Реконструкција на улици со бекатон, наместо менување на патна инфраструктура, подобрување на состојбата на Јавните претпријатија а истите беа оставени сами на себе во овој мандат дури некои од ЈП добија и жолти траки од извршител. Реализацијата на проектите воопшто не коресподнира со ништо од она што беше најавувано“, додава Ристовски.
За него, Куманово е една од најзагадените општини а воопшто немало никаква иницијатива ниту конкретна мерка за подобрување на состојбата во тој дел.
„Нашата советничка група имаше конкретни предлози на самите седници, неколку иницијативи, амандмани кои не беа прифатени од страна на мнозинството. Имавме амандмани во делот на реконструкција на фекалната канализација во централно градско подрачје, реконструкција на атмосферска канализација, амандмани за вршење на превентивна дезинсекција и дератизација на населени места и јавни површини“, објаснува тој.
Тој изрази став и за тоа како би изгледала Општината доколку нивната политичка опција би управувала со локалната власт.
„Градот ќе беше почист, ќе имаше нови катни гаражи, адреналински парк, нови детски градинки. Кумановци ќе се гордееја со својот град, а не како сега да заличува на Турска касаба“, дециден е Ристовски.
Потребно е залагање за родовото буџетирање
Според Лидија Илијевска од Здружението Мајка, Општината доделува средства за финансирање на организациите и често заеднички аплицира со нив за изработка на одредени проекти.
„Она што е многу важно и прашање на кое што треба да се работи е родовото буџетирање, нема стратегија за родова еднаквост, Комисијата задолжена за ова не е активна и не ја обавува функцијата која ја има. Треба повеќе Општината да ги вклучува во планирање на своите програми и буџети жените посебно од руралните средини. Мора да се направи механизам за тоа“, вели Илијевска.
Токму овој период Општината распишала повик каде што се дава предност на изработка на Стратегија за млади и родова рамноправност.
„Не се дава приоритет на оваа проблематика, тоа единствено се прави само кога мораат. Од добрите страни треба да се каже дека преку Програмата за социјална заштита се развија многу сервиси за давање на услуги на специфични категории како лицата со посебни потреби и жртви на семејно насилство. Ова е една од ретките општини што ја поддржува ваквата услуга“, додава таа.
Илијевска смета дека треба да се прави анализа на влијанието на одредена активност што ја има спроведено Општината.
„Треба повеќе едукација на членовите на разни комисии и на администрацијата за родовата рамноправност. Тие треба да знаат да препознаваат што значи тој термин, па потоа да знаат како да буџетираат“, децидна е Илијевска.
Во наредните години, Куманово ќе се соочи со сериозни предизвици поврзани со завршување на започнатите инфраструктурни проекти, решавање на урбаните сообраќајни проблеми и подобрување на јавните услуги.
Истовремено, ќе биде неопходно да се зајакне транспарентноста, учеството на граѓаните и родовата еднаквост во локалните политики. Доколку локалната власт покаже поактивен, инклузивен и одговорен пристап, Куманово има потенцијал да премине во фаза на стабилен развој и модернизација.