Во својата изборна програма во 2021 година, сегашниот градоначалник на општина Виница Миле Петков како приоритети за општината навел десет изборни ветувања со кои ја доби довербата на граѓаните.
Такви се изградба на нова индустриска зона за мало стопанство во м.в. Поповец, изградба на нова автобуска станица, нов булевар, оформување на градежни парцели за индивидуално домување, поврзување на градската канализација со селата Истибања, Јакимово, Градец и Лески и нивен приклучок со пречистителната станица во село Мојанци.
Ветил и изградба на туристичка и викенд населба во м.в. Маринково на Плачковица, реализација на проектот Затворен градски пазар, уредување на речните корита на виничка и градечка река, промоција на проектот за изградба на спа комплексот во м.в. Топлички рид во близина на село Истибања и набавка на современо противпожарно возило и опрема за потребите на ТППЕ „Виница“.
Во однос на сработеното во овој мандат, од општина Виница велат изградбата на затворениот градски пазар е во завршна фаза и истиот до крајот на мандатот ќе биде реализиран.
„Покрај овој важен проект, до крајот на мандатот треба да се завршат и набавката на две противпожарни возила за потребите на ТППЕ „Виница“, како и уредување на коритата на Виничка и Градечка река“, велат тие.
Од општината го споменаа и затварањето на градската депонија во село Лески, како и сите диви депонии на територијата на општина Виница.
„Ги асфалтиравме речиси сите улици во Виница и населените места кои беа ветени во програмата, а ја реконструиравме и водоводната мрежа во Виница на сите улици кои беа ветени“, додаваат од општина Виница.
Едно од најважните прашања за граѓаните на Виница е и изградбата на новата автобуска станица која беше наведена како приоритет.
Од општината дадоа образложение за важните ветени проекти кои до овој момент не се реализирани.
„Изградбата не е започната бидејќи сеуште не е донесен Деталниот урбанистички план за местото каде требаше да се изгради, изградбата на нов булевар бидејќи не е завршен проектот за поврзување на градската канализација со пречистителната станица во село Мојанци бидејќи поврзувањето ќе минува преку булеварот. Планирана беше и изградба на нова индустриска зона за мало стопанство во Поповец, но изостануваше соработка со претходната централна власт. Во завршна фаза е изработка на ДУП за индустриска зона во Скараница, а не е реализирана и изградбата на туристичка и викенд населба во Маринково на Плачковица бидејќи не е донесен ДУП“, потенцираат тие.
За најголемите предизвици со кои се соочиле, од општината велат дека такви ги има неколку.
„Се соочивме со постковид кризата и големата економско-енергетска криза, недоволната соработка со претходната централна власт, но и наследените долгови односно реализирани, а неисплатени проекти и малиот број на готови проекти оставени од претходниците“, објаснуваат од општина Виница.
Опозиција: Најлошата власт која некогаш била во Виница
Според претседателот на ОО СДСМ Виница, Гоце Милевски, работата на сегашната локална власт во Виница е катастрофална.
„Ниту еден од ветените капитални проекти не е реализиран, меѓу кои како клучни може да ги наведеме: изградба на нова автобуска станица, туристичка и викенд населба на Маринкова на Плачковица, индустриска зона за малостопанство на Поповец, булевар на влезот на Виница и бањски и спа комплекс на Топлички рид кај селото Истибања“, вели Милевски.
Тој вели дека бил променет проектот за градскиот пазар започнат од претходниот градоначалник и средствата за неговото довршување биле пренаменети за отворање на нови работни места во локалната самоуправа.
„Ние поднесувавме иницијативи и гласавме против одлуките за кои сметавме дека не се за доброто на граѓаните. Ниту еден наш предлог не беше прифатен од Советот“, објаснува тој.
Милевски смета дека граѓаните останаа излажани од ВМРО ДПМНЕ бидејќи не реализираа ниту еден од ветените десетина клучни проекти од изборната програма на градоначалникот Петков.
„Успеаја само да го зголемат данокот на имот за околу 300 % како и покачувањето на комуналиите и воведувањето на нови комунални услуги. Кадровската политика во однос на раководниот кадар на ДПМНЕ е на катастрофално ниво и вака деградирани институциите не биле никогаш во општина Виница. Ова ќе бидат најбрзо заборавените 4 години од една локална власт која ја водела општината“, вели Милевски.
Доколку тие би управувале со општината, Милевски тврди дека ќе се реализира најголемиот дел од ветените проекти.
„Немаше да се зголемат давачките на граѓаните за данок на имот како и за комуналните дејности. Немаше да се девастираат раководните позиции во општината, бидејќи во тој случај ќе беа поставени соодветни кадри на тие позиции“, потенцира Милевски.
Тој вели дека комуникацијата со граѓаните е на секојдневно ниво, преку формални и неформални активности и на тој начин добиваат соодветни информации од граѓаните и фирмите во Виница.
Чинителите треба заедно да ги одредат приоритетите за општината
Тодор Цонев од Здружението Иницијатива на невработени интелектуалци од Виница смета дека е потребно претставниците од двете најголеми партии кои се менуваат во управувањето со општината да седнат и заеднички да решат кои се приоритетите на општината и стратешки да пристапат во исполнување на поставените цели во соработка со сите заинтересирани чинители.
Тој воедно додава дека дијалогот и соработката на општината со граѓанските организации при креирање и спроведување на локалните политики е на ниско ниво.
„Во тек сме на спроведување на проект кој има за цел вклучување на жените во креирањето на локалните политики на локално ниво. Досегашната соработка со општината е на завидно ниво и се надеваме дека за наредната година ќе протуркаме неколку иницијативи кои од друга страна општината има обврска да ги спроведе“, објаснува Цонев.
Тој ја потенцираше и најголемата пречка за поголемо влијание на граѓанските организации во локалните процеси.
„Најголема пречка е што нема усвоена методологија за консултации со граѓаните пред донесувањето на локалните програми на општината и нивно соодветно пресликување во буџетот и планот за јавни набавки“, вели Цонев.
Фото: Градоначалник Миле Петков Фејсбук