Кочани овие денови е домаќин на седумчлена делегација од Гетеборг, Шведска, која престојува во тридневна посета како чин на солидарност по трагедијата во ноќниот клуб „Пулс“. Во фокусот на посетата се средби, разговори и панел-дискусии со локалната заедница, со цел споделување на искуства, сочувство и поддршка во процесот на колективно заздравување.
Шведската делегација е составена од социјални работници, пожарникари и преживеани од слична несреќа која пред 27 години го потресе Гетеборг, кога во пожар во дискотека загинаа 63 млади луѓе. Со болка што не стивнува, но и со порака на отпорност, тие пристигнаа во Кочани за да понудат разбирање, но и надеж дека е можно да се продолжи понатаму.

Под мотото „Кочани – Град на отпорноста и солидарноста“, првата средба се одржа во Младинскиот културен центар, каде што Н.Е. амбасадорката на Кралството Шведска, Ами Ларсон Џаин, му ја предаде на градоначалникот Венко Крстевски книгата „Како редење сложувалка“. Делото претставува ретроспективна анализа на процесот на справување со траума по трагедијата во Гетеборг и е симболичен подарок на заедницата во Кочани.

Подоцна, во Домот на културата „Бели Мугри“, се одржа јавна панел-дискусија на која сведоштва изнесоа и гостите од Шведска и граѓани од Кочани. Емотивните приказни за првите моменти од трагедијата, реакциите на службите, тагата, но и патот на заздравување ги обединија присутните во тишина и солзи.
Овој чин на солидарност ја потврдува универзалноста на болката, но и силата на човечкото сочувство кое ги премостува границите.

Фото: Europe House Skopje